Случајот „Софтвери“ за кој поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски беше осуден на 8 години затвор се враќа на повторно судење во Кривичниот суд, соопшти денеска Апелациoниот суд. Одлуката била донесена на нејавна седница на 11 јули, а се должи пред се на измените на Кривичниот законик и притоа отфрлена е жалбата на обвинителството.
„Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, со која се побива првостепената пресуда во овој дел поради одлуката за кривичната санкција, судот ја оценил како беспредметна во оваа фаза на постапката“, се наведува во соопштението на Апелациониот суд.
За делото злоупотреба на службената положба Рашковски беше осуден на седум години затвор, а за делото перење пари, една година и шест месеци затвор. Случајот се однесуваше на набавката на два софтвери и исплата на хонорари. Првиот софтвер беше за сообраќајни прекршоци и биометриска идентификација, кои никој не ги користел, а Генералниот секретаријат со кој управуваше Рашковски ги набавил иако немал надлежност за тоа. Дополнително, тендерите или биле наместени или немало тендер, а била фаворизирана фирмата „Инвока груп“. Вториот дел од пресудата се однесуваше на тоа дека Рашковски склучувал авторски договори со физички лица што не ги извршувале работните обврски.
Осудени во случајот беа и професорот Ивица Димитровски, носител на проекти на „ФИНКИ“, надворешниот соработник на владата, Игор Христов, потоа Даниел Станчев од „Инвока груп“, како и Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјаноска, надворешни соработници на владата.