Почетна ЕкономијаСкандал во Полска: ЕУ пари потрошени во свингерски клубови и на јахти

Скандал во Полска: ЕУ пари потрошени во свингерски клубови и на јахти

од nenad
2 минути читај за

Полското министерство за европски фондови вчера прекина секакви плаќања од програмата на Европската Унија за финансирање на хотели, ресторани и културни простори. Оваа одлука следеше откако иницијатива за транспарентност откри дека парите биле искористени за јахти, барови со вотка и компанија регистрирана на истата адреса како и секс-клуб, објавија денес локалните медиуми.

Министерката за европски фондови, Катажина Пелчинска-Налеч, најави дека нема да биде исплатен ниту еден злоти додека не се проверат сите околу 2,400 субвенции, чија вкупна сума изнесува околу 1,2 милијарди злоти (282,3 милиони евра), пренесе Политико.

“Секој злоти ќе биде проверен”, изјави таа пред новинарите, обвинувајќи ги правилата поставени од поранешната влада на партијата “Право и правда” (ПиС).

Главната цел, додаде Пелчинска-Налеч, е да се заштити довербата на јавноста во европските фондови и да се осигури дека парите ќе стигнат до вистинските корисници.

Досега се исплатени околу 110 милиони злоти (25,8 милиони евра), со што најголемиот дел од буџетот на програмата останува суспендиран.

Шемата HoReCa, дел од полскиот план за закрепнување од Ковид-19, беше наменета за поддршка на малите бизниси во областа на туризмот и угостителството за диверзификација по пандемијата.

Брисел со години ги блокираше исплатите од фондот за закрепнување вреден 59,8 милијарди евра за Полска поради спорови со претходната влада во врска со владеењето на правото, што го направи конечното одмрзнување голем успех за премиерот Доналд Туск по неговата победа на изборите во 2023 година.

Сепак, интерактивната онлајн карта на корисници, објавена минатата недела, предизвика незадоволство кај полската јавност поради набавки што предизвикаа изненадување, како што се пловни објекти, луксузен мебел и субвенции регистрирани на адреса на свингерски клуб.

ПиС ја искористи контроверзноста за да ја обвини владата на Туск за клиентелизам и расипништво, укажувајќи на проблеми во владејачката коалиција.

“Овие средства беа наменети за обнова на Полска по пандемијата и отворање нови работни места. Туск вети развој што сите ќе го почувствуваат. Она што го чувствуваме е огромен скандал и огромен долг што сите ќе мора да го исплатиме”, се вели во изјавата на портпаролот на ПиС, Рафал Бохенек.

Од друга страна, Туск ја брани својата влада, обвинувајќи ја претходната администрација на ПиС дека со години ги блокирала средствата, што довело до брза имплементација.

“Стопроцентна одговорност за овој долгогодишен хаос лежи на нашите претходници кои ги блокираа средствата и ни оставија многу малку време правилно да ги искористиме”, рече тој.

Туск додаде дека министерството за европски фондови ги олабави процедурите и контролите за да се осигура дека средствата ќе стигнат до корисниците, но некои го искористиле тоа, трошејќи на начини кои луѓето со право ги сметаат за сомнителни, ако не и отворено криминални.

Портпаролот на Европската комисија за радио RMF FM изјави дека извршната институција на ЕУ “внимателно ја следи ситуацијата”, но нагласи дека одговорноста за управувањето со фондовите е на Варшава.

ссм/фото: пиксабеј.