Во Скопје денес беше склучен договор за стратешка соработка меѓу владите на Северна Македонија и Унгарија, за време на посетата на шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто. Домаќин на средбата беше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
На средбата, како што истакнаа двајцата министри на заедничката прес-конференција, разговарале за извонредните билатерални односи, изразувајќи обострано задоволство од интензивниот политички дијалог и развиената секторска соработка.
Беше поздравен и тридеценискиот однос на пријателство и одличната трговска размена, која бележи постојан пораст во изминатиот период. Во тој контекст, од страна на двајцата министри беше констатирано дека македонско-унгарското партнерство се темели на цврсти политички врски и развиена економска соработка, кои во наредниот период ќе добијат уште посилна динамика.
Двајцата министри дискутирале и за перспективите и предизвиците на процесот на европската интеграција на нашата земја и засилената и недвосмислена поддршка од Унгарија на овој пат, која е насочена кон отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ, со цел да се овозможи стабилизирање и подобра иднина за нашата земја и за земјите од регионот.
Муцунски изрази уверување дека поддршката ќе продолжи со несмалено темпо и во идниот период, имајќи го предвид и неодамна потпишаниот Акциски план за споделување на знаење во однос на ЕУ-пристапувањето помеѓу министерствата за надворешни работи и надворешна трговија и министерствата за европски прашања на двете земји.
Министрите разговарале и за сојузништвото и одличната соработка во рамки на НАТО, која е насочена кон справување со актуелните безбедносни закани и зачувување на европската и трансатлантската стабилност.
Во склоп на посетата беа потпишани и договор за соработка на владино ниво и договор за соработка во делот на образованието. Имено, министерот Муцунски и министерот Сијарто потпишаа “Договор за стратешка соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Унгарија”, додека од страна на министерот Сијарто и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, беше потпишан “Меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на Програмата Stipendium Hungaricum за годините 2026–2028”.
нд/ац/Фото: МНРиНТ .