Денес, повеќе од еден милион луѓе низ целата Франција зедоа учество во демонстрациите организирани од осум француски синдикати со цел да влијаат на новиот премиер и неговите фискални одлуки, информираше синдикатот Се-Же-Те (CGT), еден од двата главни синдикати. Овој број е повисок од оној на луѓето кои протестираа за време на последните големи демонстрации против пензиските реформи во јуни 2023 година, кога, според истиот синдикат, се собраа 900.000 лица. Власта сè уште нема објавено податоци за бројот на луѓе на демонстрациите.
Американските медиуми пренесуваат дека во текот на денот беа организирани штрајкови во сообраќајот, што предизвикаа проблеми во функционирањето на париското метро, предизвикувајќи забавување на сообраќајот и блокади во знак на протест против владата на претседателот Емануел Макрон и неговиот предлог за намалување на финансирањето на јавните услуги, кои го поддржуваат францускиот начин на живот. Првиот солзавец се слушна уште пред зори, во судирите помеѓу полицијата во опрема за немири и демонстрантите во Париз.
Низ цела Франција беа најавени 250 собири како дел од граѓанската акција „Блокирај сè“ започната на социјалните мрежи, додека синдикатите најавија „црн ден“ со штрајкови и пореметување на наставата во училиштата и сообраќајот. Се очекуваше стотици илјади луѓе да бидат мобилизирани за да го изразат гневот поради зголемувањето на сиромаштијата, ширењето на нееднаквоста и тешкотиите на работниците со ниски примања да сврзат крај со крај.
Ова е втор ден на мобилизација во последните осум дена, по демонстрациите „Блокирај сè“ на 10 септември. Осум синдикати повикаа на протести и денеска. Синдикатите што повикаа на штрајк се залагаат за отфрлање на предложените намалувања на буџетот, замрзнување на социјалните бенефиции и други мерки за штедење. Тие веруваат дека овие мерки дополнително ќе ги погодат џебовите на ниско платените работници и луѓето од средната класа, а поради тоа веќе паднаа две влади.
Штрајковите имаат за цел да го зголемат притисокот врз новиот премиер Себастијан Лекорни, кој беше назначен од Макрон минатата недела. Макрон го задолжи да обезбеди парламентарна поддршка за мерките за штедење што ги соборија неговите претходници. Железничарите во штрајк накратко го нападнаа седиштето на Министерството за економија во Париз, оставајќи зад себе чад во воздухот.
Владата соопшти дека распоредува исклучително голем број полицајци, околу 80.000, за одржување на редот. На полицијата ѝ беше наредено да ги расчисти сообраќајните блокади и други обиди да ги спречи оние кои не протестираа да си ја вршат работата. Париската полиција употреби солзавец за да ја прекине блокадата на автобуската станица рано утрово.
Француската телевизија објави за изолирани судири во градот Нант, на запад, и во Лион, на југоисток, каде беше употребен солзавец, а демонстрантите фрлаа разни предмети кон полицијата. Според најновиот извештај на француското Министерство за внатрешни работи, низ целата земја се уапсени 140 лица, од кои 75 се во полициски притвор, вклучувајќи 16 во Париз. Во немирите се повредени и осум полицајци, пренесе „Ла Паризиен“.