Ви споделуваме рецепти за три фантастични ручеци од рерна
Ручекот не мора да подразбира долго стоење пред шпорет. Овие рецепти се практични за зафатените дами, а притоа ги задржуваат сите нутритивни вредности на намирниците. Идејата е со минимален напор да добиете максимален вкус, топлина и задоволство во еден оброк.
1. Пилешко филе во кремлив сос со зеленчук
Фото: TheCookingJar
Состојки:
2 пилешки филети
1 црвена пиперка
1 тиквичка
1 помал кромид
2 чешниња лук
100 мл павлака за готвење
2 лажици маслиново масло
сол, бибер, сув зачин по желба
Приготвување:
Загрејте ја рерната на 200 степени.
Измијте го зеленчукот и исечкајте го: пиперката на ленти, тиквичката на кругови, кромидот на кругови и лукот ситно.
Посолете ги пилешките филети, забиберете ги и премачкајте ги со маслиново масло.
Во сад за печење распоредете го зеленчукот и преку него ставете ги филетите.
Во помал сад измешајте павлака и зачини и прелејте преку месото и зеленчукот.
Печете во рерна 20 минути додека пилешкото стане златно и зеленчукот мек.
Послужете веднаш со ориз или компир.
2. Мусака со компир и мелено месо
Поврзани објави
Состојки:
300 г мелено месо (пилешко, мисиркино или мешано)
3 компира со средна големина
1 помал кромид
1 чешне лук
50 мл павлака за готвење
50 г рендан кашкавал (по избор)
маслиново масло, сол, бибер, суви зачини по вкус
Приготвување:
Загрејте ја рерната на 200 степени.
Излупете го компирот и исечкајте го на тенки кругови.
Ситно исечкајте ги кромидот и лукот, пропржете ги на тавче со малку масло, додајте мелено месо, сол, бибер и зачини, кратко пропржете додека месото ја промени бојата.
Во сад за печење ставете го првиот слој компир, преку него распоредете го месото, потоа повторете ги слоевите. Завршете со слој од компири.
Прелејте со павлака и посипете рендан кашкавал.
Печете 20 минути додека компирот стане мек и кашкавалот златен.
3. Тиквички полнети со сирење и шунка
ФОТО: Pixabay
Состојки:
2 поголеми тиквички
100 г шунка (исечкана на коцки)
100 г крем-сирење или рикота
50 г рендан кашкавал по избор
1 чешне лук
сол, бибер, маслиново масло
Приготвување:
Загрејте ја рерната на 200 степени.
Преполовете ги тиквичките по должина и издлабете ја средината со лажица.
Во сад измешајте крем-сирење, шунка, рендан кашкавал и ситно сечкан лук. Зачинете со сол и бибер.
Филувајте ги тиквичките со приготвената смеса.
Ставете ги во сад за печење, премачкајте ги со малку маслиново масло.
Печете 20 минути додека тиквичките омекнат, а кашкавалот добие златна коричка.