Утрово на Клиниката за неврохирургија во Скопје, почина двегодишното дете кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ во скопската населба Гази Баба.
И покрај напорите на лекарите кои се бореа за неговиот живот, од клиниката потврдија дека смртта настапила како резултат на „многу тешки повреди на мозокот предизвикани од метално страно тело“.
„Двегодишното детето беше примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на состојбата беше згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, се интубираше, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, 24-часовен мониторинг.
Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување.
И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело.
Изразуваме најдлабоко и искрено сочувство до семејството и најблиските во овие неизмерно тешки моменти.
Уште еднаш апелираме до сите граѓани, новогодишните празници да се одбележуваат мирно и достоинствено, без употреба на пиротехнички средства, петарди, а особено без користење огнено оружје.
Последиците од ваквото неодговорно однесување се сериозни и, за жал, можат да бидат и фатални“, соопштуваат од Министерство за здравство.