На прашањето дали во моментов е вљубен, познатиот стилист кратко одговори: „Не“, но потоа откри како денес гледа на љубовните односи и силните емоции.
„Нема ништо поубаво од тоа човек да се вљубува. Нема ништо поубаво од тоа да се вљубуваш по сто пати. Замисли колку би ти било добро, на две-три недели да се вљубиш, па пак да си одиш“, рече Сергеј.
Сепак, според него, најинтензивните чувства на почетокот од една врска не секогаш се и најреалните.
„Тие први две-три недели, или еден месец, се најинтензивните чувства што ги имаме, а не сфаќаме дека тие се и најлажните чувства. Сите се ‘лепат’ на тие пеперутки, а не размислуваат дека некогаш тие пеперутки се рефлекс. Нам ни е пласирано дека тоа е тоа, но не е“, објасни Варошлија.
Тој призна дека денес, кога ќе почувствува силна привлечност кон некого, намерно се повлекува чекор назад и си дава време.
„Ако почувствувам нешто такво, јас веќе се тргам на дистанца. Си велам: ‘Чекај, полека’. Тоа инстант чувство се случува, меѓутоа многу ретко е тоа што мислиме дека е“, вели Сергеј.
Во разговорот тој откри и дека со текот на годините научил повеќе да се цени себеси и дека повеќе не сака да се изгуби себеси во љубовта.
„Се сакам самиот себе, се вреднувам самиот себе и сум решил да не се делам себеси веќе до толку колку што сум го правел тоа во минатото“, рече Варошлија.
Сергеј зборуваше и за своите партнери и за тоа зошто би сакал љубовниот живот да го држи подалеку од јавноста. Како што вели, тоа не е секогаш лесно, бидејќи неговата препознатливост во Скопје го прави секој негов придружник потенцијална тема за коментари.
„Некого не можеш да го скриеш. Не сум јас светски познат, меѓутоа сум доволно познат за овој град и за овој простор, па каде и да отидам и со кого и да отидам, луѓето ќе ја поврзат таа личност со мене и ќе се интимизира тој однос“, објасни тој.
Токму затоа, вели Варошлија, желбата да го зачува приватниот живот не е само заради себе, туку и заради луѓето со кои е во врска.
„Јас би сакал да ги сокријам, но не ми успева. Секогаш го сакам тоа затоа што мислам дека така е подобро за нив. Мислам дека не може секој да се носи со притисокот од јавноста. Не е секој подготвен да биде предмет на каква било комшиска дискусија, а камоли на јавна дискусија“, рече Сергеј.
Најостро прозборе за социјалните мрежи и луѓето кои, според него, без да ги познаваат јавните личности, си дозволуваат да носат заклучоци за нивниот живот.
„Живееме во време на интернет-простор, каде што на секоја будала со тастатура ѝ е дозволено да коментира и да донесува какви било заклучоци“, порача Варошлија.