Eвер Андерсон го привлече вниманието на Филмскиот фестивал во Венеција со своето појавување на црвениот тепих. 18-годишната актерка и ќерка на Мила Јовович блесна во романтична креација на Диор, украсена со впечатливи светкави цветови, а нејзиниот изглед веднаш поттикна бројни коментари за неверојатната сличност со нејзината славна мајка.
Младата актерка во Венеција го претстави филмот „Father Joe“, во кој игра покрај холивудските легенди Ал Пачино и Кифер Сатерленд. Иако пред почетокот на снимањето признала дека помислата да работи со две толку големи имиња ѝ била застрашувачка, Евер набрзо сфатила дека немала причина за трема.
Таа вели дека имала огромна среќа што била дел од таква филмска екипа, а во филмот ја толкува Фелисита – млада девојка која Џо се обидува да ја спаси од зависност.
Говорејќи за „Father Joe“, Евер во интервју за „The Italian Reve“ откри дека филмот оставил силен впечаток врз неа и ѝ помогнал поинаку да гледа на луѓето околу себе.
„Мислам дека филмот навистина ме потсети да имам емпатија кон другите и да не станувам толку нечувствителна поради сè што секојдневно гледам на социјалните мрежи – навистина да се поврзам со другите луѓе. Никој не е подобар од никого“, изјави таа.
Евер додаде дека често е потребно само да го промениме начинот на кој гледаме на луѓето за подобро да ги разбереме.
„Кога ги гледаш луѓето околу себе, сфаќаш дека тие воопшто не се толку различни од тебе – потребна е само промена во начинот на размислување за да ги разбереш“, вели младата актерка.
Таа призна и дека улогата и самата приказна ја потсетиле каква личност сака да биде во иднина – некој на кого другите ќе можат да му веруваат и да му се обратат кога им е потребна помош.
„Овој филм ме потсети на тоа и ме потсети дека сакам да бидам повеќе таков човек – некој кому другите би сакале да му се обратат, да побараат помош или да му го доверат својот товар“, порача Евер.
Инаку, Евер е ќерка на Мила Јовович и британскиот режисер Пол В.С. Андерсон. Таа уште од најрана возраст е присутна во светот на модата и моделингот, а со својата актерска кариера постепено гради и сопствено име во Холивуд.