Table of Contents
Еве која е тајната на нејзината долговечност
Иако официјално заминала во пензија уште во осумдесеттите години, оваа неверојатна жена и денес секое утро во 7 часот ја крева ролетната на своето кафуле, ги средува масите и со насмевка ги пречекува гостите.
Светот драстично се има променето од повоените децении до денес, но во малото италијанско место Небјуно, на брегот на езерото Маџоре, една работа останува непроменета – Ана Поси и понатаму стои зад својот шанк. На 102 години, оваа витална баба важи за најстарата баристка во Италија, а вратите на нејзиното легендарно кафуле „Bar Centrale“ ги отворила уште на 1 мај 1958 година, заедно со сопругот Рене.
Единствениот одмор го имала во педесеттите
Иако официјално се пензионирала во 1984 година, на 60-годишна возраст, Ана никогаш не помислила да ја извади престилката. Нејзиниот последен вистински одмор бил уште во педесеттите години, кога поминала осум дена во Париз.
„Зошто би престанала? Моето кафуле не е работа, тоа е мојот живот“, вели баба Ана.
Нејзиниот работен ден и денес следи строга рутина: станува околу шест часот наутро, а веќе во седум го отвора кафулето, го подготвува просторот и лично ги послужува гостите. Еспресото кај неа чини 1,20 евра, а капучиното 1,50 евра.
Повеќе од половина век сама го води локалот
Откако нејзиниот сопруг починал во 1974 година, Ана не го затворила локалот, туку храбро продолжила сама. Во шеесеттите години нивниот бар бил едно од главните места за излегување – со отворен подиум за танцување и џубокс, каде што доаѓале гости од околните градови, па дури и фудбалери на Милан. Денес, во работата ѝ помагаат ќерката Кристина и внуката.
„Веќе 51 година работам сама, како вдовица, во ова кафуле. Но, мене тоа ми годи, бидејќи сакам да бидам меѓу луѓе. Тогаш се чувствувам добро“, објаснува Ана.
Сепак, таа забележува и колку многу се промениле навиките на гостите низ децениите:
„Порано луѓето седеа, разговараа, играа карти… Денес сите гледаат во телефоните“, вели неуморната баба, која во моментите кога нема гужва ги зема иглите и плете.
Поврзани објави
Тајната на виталноста: домашен колач со јаболка и малку лекови
За својата неверојатна енергија на 102 години, Ана нема некој комплициран рецепт – за појадок сака чај и парче домашен колач со јаболка, јаде многу мали оброци и се труди постојано да го држи умот активен со разни обврски. Не носи очила, а од терапија зема само половина таблета за крвен притисок дневно.
„Главата сè уште ме служи, а и коските ми се добри. Не мора баш сè да им се верува на лекарите“, вели со насмевка.
На прашањето дали би сакала повторно да го посети Париз, одговара во својот препознатлив, шармантен стил:
„Порано сакав повторно да одам во Париз, но веројатно тоа нема да се случи. Не е ни важно, Французите и онака не знаат да направат кафе“, се смее Ана.
„Кога мене ќе ме нема, нема да го има ни кафулето“
На младите жени и на своите внуки им остава едноставен, но вреден совет – да работат, да штедат и никогаш да не зависат од никого. Иако е свесна дека нејзината ќерка не планира да продолжи со угостителскиот бизнис, Ана не се оптоварува со она што ќе се случи понатаму.
„Кога мене ќе ме нема, нема да го има ни кафулето“, искрена е Ана.
Сепак, сè додека ролетната на „Bar Centrale“ се крева во седум часот наутро, мештаните и туристите знаат дека зад шанкот ги чека жена која речиси 70 години го подготвува кафето со душа и со насмевка.
ФОТО: ЈУТЈУБ