Опозициската партија бара алтернативно решение за Предлог-законот за бранителите зашто е јасно дека претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути нема да го стави на дневен ред ако во пакет не се решат и правата на поранешните припадници на ОНА.Измени на матичните закони за МВР или за одбрана се во игра за да се одблокира законот за бранителите што е заглавен во Комисијата за социјална политика, брифираат од СДСМ.
Опозициската партија бара алтернативно решение за законот за бранителите што го предложи зашто јасно е дека претседателката на Комисијата Илире Даути нема да го стави на дневен ред ако во пакет не се решат и правата на поранешните припадници на ОНА. Од друга страна, пак, пратениците на СДСМ ја блокираа работата на Комисијата зашто инсистираат бранителите да бидат ставени на дневен ред.
Идејата е дека во таков случај, за измени на кој и да е од трите закони ќе треба да расправа собраниската Комисија за одбрана и безбедност, со што ќе се заобиколи Комисијата за социјална политика каде што законот за бранители веќе е заглавен.
Како тоа, пак, ќе влијае и дали ќе предизвика дополнителни недоразбирања во владејачката коалиција, допрва ќе се види ако се знаат релациите меѓу ЗНАМ и Вреди, особено кога станува збор за етнички прашања.
Вреди во Комисијата за социјална политика ја држи страната на претседателката Даути од опозицискиот Европски фронт, односно е на позицијата дека ако поранешните припадници на ОНА не добијат еднакви права со тие на бранителите, тогаш ќе нема ни закон за бранители.
Законот за бранителите, предложен од пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, етнички ги подели партиите во Собранието. За потребата од законот гласаа партиите од македонскиот политички блок, додека против законот се партиите од албанскиот политички блок.
Засега нема ниту најава дали и кога ќе заседава Комисијата за деловнички прашања за барањето на СДСМ за да се расправа дали претседателот на Собранието Африм Гаши го прекршил Деловникот кога тој не ја свика Комисијата за социјална политика откако тоа одби да го стори Даути. Гаши за игрите со бранителите доби кривична пријава од Левица.