По загубата на неколку блиски лица, Тереза го поминала патот од 272 килограми до здрав начин на живот
Тереза Парент (43), учителка од Калифорнија, зад себе има низа тешки животни трагедии кои оставиле длабоки последици врз нејзиниот живот. Откако во 2001 година го изгубила братот, кој си го одзел животот по долгогодишно малтретирање поради својата сексуална ориентација, две години подоцна се соочила и со самоубиството на мајка си.
Болката и чувството на вина поради смртта на брат ѝ постепено ја вовеле во маѓепсан круг на компулсивно прејадување. Како што самата признала, верувала дека не направила доволно за да му помогне, а по смртта на мајка ѝ целосно престанала да се грижи за себе. Во еден период внесувала дури 10.000 калории дневно, не ни претпоставувајќи колку тоа ќе го промени нејзиниот живот, здравје и физички изглед. Сепак, она што следувало е многу повеќе од приказна за неконтролирано зголемување на телесната тежина – ова е приказна за трагедија, борба и потрага по излез од маѓепсаниот круг.
Морничаво предупредување од лекарите
Во еден период Тереза тежела дури 272 килограми, а поради прекумерната тежина во 2016 година доживеала полесен срцев удар. Лекарите ја предупредиле дека, доколку не ослабне, нема да го дочека својот 40. роденден. Тоа за неа било сериозен аларм. Тереза решила да ги промени животните навики, па почнала да се храни здраво и да вежба.
Во текот на една година изгубила повеќе од 60 килограми, благодарение на што можела да се подложи на операција за намалување на желудникот. По интервенцијата ослабела уште повеќе од 100 килограми, но толкавото слабеење оставило последици врз нејзиното тело во форма на вишок опуштена кожа, особено во пределот на стомакот.
Затоа морала да се подложи на уште една операција, овојпат за хируршко отстранување на вишокот кожа. За време на интервенцијата ѝ биле отстранети повеќе од 20 килограми опуштено ткиво.
Без трошка срам, четири дена пред операцијата Тереза покажала како изгледа нејзиниот стомак со насобраните слоеви опуштена кожа, кои буквално ѝ виселе до колената.
„За четири дена одам на абдоминопластика за да ми го отстранат вишокот кожа. Како што гледате, ми виси до колената, а вака изгледа кога ќе седнам“, покажала Тереза во видеоснимка што ја објавила на ТикТок.
Поврзани објави
Како што истакнала, вишокот кожа што ѝ висела на телото ѝ предизвикувала физичка и емоционална болка, па едвај чекала да се ослободи од неа.
„Јас сум вистински борец во процесот на слабеење. Навистина вложив огромен труд за да го спасам сопственото здравје и живот. Сега изгледам многу покрупно отколку што навистина сум, само поради вишокот кожа. За неколку дена таа ќе ја нема и мојот живот засекогаш ќе се промени. Ова го споделувам со сите вас затоа што се надевам дека мојата приказна ќе му помогне на некој друг да се избори со дебелината, но и да сфати дека опуштената кожа е дел од процесот на слабеење. Сепак, и тоа може да се реши“, додала таа со солзи во очите.
Искреноста на Тереза добила огромна поддршка од нејзините следбеници на социјалните мрежи, а видеото е прегледано повеќе од милион пати. Многумина ја пофалиле за храброста и ѝ посакале среќа на операцијата.
По операцијата
Набргу по интервенцијата, Тереза објавила нова видеоснимка, која исто така предизвикала воодушевување кај нејзините следбеници.
„Никогаш претходно не сум била без стомак. Не можам да поверувам. Мојот стомак исчезна… Таа кожа буквално беше последниот остаток од мојата тага. Се чувствував толку тажно и тоа долго време ме правеше несреќна. Уморна сум од чувството дека не заслужувам да бидам среќна, но заслужувам“, заклучила Тереза.
ФОТО: ТикТок