Table of Contents
Инспиративен разговор со Викторија Трајков, успешна жена на лидерска позиција
Изгледот е важен бидејќи тој е одраз на вашето самопочитување и внимание кон себе, но најважно е да се чувствувате добро во својата кожа, ни открива доц. д-р Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања. Како жена-лидер на одговорна функција најголемата поддршка, но и извор на инспирација пронаоѓа во семејството.
Жена во светот на мажите, меѓу европските политичари и меѓународни претставници. Какви промени во светски рамки можат да направат жените-лидери?
Жените-лидери имаат уникатна перспектива во светската политика и бизнисот, која се должи на нивната способност за преземање ризици, приспособување на најразлични ситуации и, секако, нивната емпатија која ги прави способни за градење мостови меѓу различни ставови и култури, што е од особена важност во денешниот комплексен свет. Искуството покажува дека жените-лидери се истакнуваат во градењето доверба, фокусирањето на долгорочните цели и во создавањето тимска атмосфера – особини што се клучни за решавање глобални предизвици. Повеќе жени на водечки позиции значи и поголема заедничка соработка и одговорност за одржливи успеси. Жените се, пред сè, визионери. Тие честопати гледаат надвор од традиционалните рамки, се залагаат за решенија и носат со себе силна заложба за права и можности за сите. Во свет каде што сè повеќе се вреднуваат отвореноста и разноликоста, жените-лидери играат клучна улога во создавањето праведно и стабилно општество.
Од една страна жена, мајка, а од друга, професорка на Универзитетот Скопје, која сега има уште потежок товар – а тоа е да се биде на една од челните позиции во државава, со задача да се донесат историските одлуки за нашиот евроинтегративен пат. Како успевате да направите баланс приватно и професионално? Од каде ја црпите Вашата сила?
Поврзани објави
Моето семејство е мојата најголема поддршка и извор на инспирација. Моите блиски ми даваат енергија и сила да ги балансирам сите обврски, бидејќи без нивната љубов и разбирање не би можела да се справам со сите предизвици. Како мајка, професор, функционер, важно е да имам јасна визија и цел. Кога се знае што се сака да се постигне, и кога има силна волја, секој предизвик може да се надмине. Мојата работа е поврзана со мојата страст и посветеност. Наоѓам сила во тоа што верувам дека моите напори ќе резултираат со позитивен ефект врз нашето општество. Менаџирањето на сите аспекти на мојот живот е предизвик, но со љубов кон работата, семејството и со добра организација можам да ги комбинирам овие улоги и да дадам значителен придонес во евроинтеграцискиот процес и, воопшто, во развојот на нашата држава на тој пат.
Иако сите обврски натежнуваат во текот на денот, сепак секогаш одвојувате време и за Вашиот изглед, секогаш одмерени и со стил. Каква порака ќе испратите до младите девојки?
Пораката што ја испраќам до младите девојки е: сакајте се себеси и инвестирајте во својот личен и професионален развој!
Особено е важно да бидат искрени со себе, да веруваат во своите способности и да не се плашат да кажат што мислат. Да бидат силни и посветени на своите цели, бидејќи вистинската убавина произлегува од вашата внатрешна самодоверба и харизма. Кога се чувствувате добро со себе, вашето самопочитување и позитивна енергија ќе ви отвораат многу врати. Изгледот е важен бидејќи тој е одраз на вашето самопочитување и внимание кон себе, но најважно е да се чувствувате добро во својата кожа.
Вашата професија налага да патувате многу низ светот. Сте прошетале низ најинтересните места во светот, но што е она што Ве задржува во Македонија и Ве мотивира да се борите за иднината на младите луѓе овде?
Македонија е мојот дом и тука се наоѓа основата на мојата инспирација. Патувањето ми овозможува да ги проширувам своите хоризонти и да научам нови работи, но секогаш се враќам дома со нови идеи и енергија за да можам да придонесам за подобра иднина за нашите млади. Иднината на младите луѓе е постојано присутна во моите мисли, бидејќи тие се не само нашата иднина, туку и нашата сила и поттик за напредок. Верувам дека секој чекор што го правиме денес, го правиме за доброто на идните генерации, и токму затоа борбата за нивните шанси и перспективи е моја лична и професионална мисија.