Фото: Министерство за одбрана
Американската Агенција за одбранбено-сигурносна соработка (DSCA) официјално го објави договорот за директен заем од 302 милиони долари за Албанија, во рамки на американската програма за странско воено финансирање (FMF).
Според соопштението на DSCA, финансирањето има за цел да ја поддржи модернизацијата на албанските вооружени сили и зајакнувањето на капацитетите на земјата за придонес во заедничката безбедност на НАТО.
Договорот е реализиран во соработка со американскиот Стејт департмент. Според американските власти, заемот ќе ѝ овозможи на Албанија пристап до финансирање со ниски трошоци и флексибилни услови за развој на нејзините одбранбени капацитети.
Средствата ќе се користат за набавка на опрема и услуги од американската одбранбена индустрија, со цел и зголемување на интероперабилноста на албанските вооружени сили со вооружените сили на сојузниците во НАТО.
По објавувањето на договорот реагираше и министерот за одбрана Ермал Нуфи, кој финансирањето го оцени како уште еден показател за довербата на Соединетите Американски Држави кон Албанија.
„Ова е повеќе од финансирање. Тоа е доверба, стратешко партнерство и инвестиција во безбедноста на иднината“, изјави Нуфи.
Според министерот, заемот од 302 милиони долари ќе придонесе за модернизација на албанските вооружени сили и за зголемување на придонесот на Албанија во заедничката безбедност на НАТО.
Post Views: 96