Русија од 2022 година до денес испорачала енергетски производи во Европската Унија во вредност од 320,7 милијарди долари, тврди рускиот вицепремиер Александар Новак. Во изјава за програмата „Вести“, тој нагласи дека руските компании продолжуваат да ги почитуваат договорите со европските купувачи.
Според Новак, вкупната вредност на испораките е значително повисока од проценката што претходно ја објавила американската страна, според која европските земји во истиот период купиле руски енергенси за околу 250 милијарди долари.
Само во првите девет месеци од 2026 година, вредноста на енергетските ресурси испорачани од Русија во Европа достигнала 21,3 милијарди долари. Новак посочи дека трговијата продолжува во рамките на исклучоците предвидени со санкцискиот режим на Европската Унија.
Тој оцени дека промената на обемот на рускиот извоз кон европскиот пазар во изминатите години не е одговорност на руските добавувачи. Според него, компаниите испорачуваат видови и количества енергенси во согласност со барањата на клиентите.
Рускиот вицепремиер се осврна и на состојбата на светскиот пазар на нафтени деривати, оценувајќи дека дополнителните количества руски дизел би можеле да придонесат за стабилизирање на понудата. Како фактори што ја усложнуваат состојбата ги посочи проблемите во Ормуската Теснина и намалените капацитети на рафинериите во светот.
Според Новак, зголемените испораки веќе влијаат врз пазарот, а како показател го наведе падот на светските цени на дизелот за околу пет до шест проценти. Податоците од Лондонската берза покажале дека утринската цена на фјучерсите за дизел со ниска содржина на сулфур била за три проценти пониска од цената при затворањето на тргувањето во четвртокот.
По телефонскиот разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, руската влада во саботата делумно ја укинала забраната за извоз на дизел. Со оваа одлука, во актуелната фаза се овозможува извоз на 500.000 тони на светските пазари.
Новак изјави дека забраната била укината пред првично предвидениот рок и дека Русија планира постепено да го зголемува извозот. Според најавениот распоред, во октомври би биле испорачани 300.000 тони дизел, во ноември количеството би достигнало 500.000 тони, а во декември еден милион тони.
На подолг рок, месечниот извоз би можел да достигне до три милиони тони, најави рускиот вицепремиер.