Table of Contents
Поминаа 23 години од смртта на Ѓорѓи Колозов, актерот чиј лик и препознатлив глас засекогаш останаа врежани во сеќавањата на македонската публика. И по повеќе од две децении, неговите улоги во „Македонски народни приказни“ предизвикуваат насмевки, носталгија и емоции кај генерации гледачи.
По повод годишнината од неговото заминување, на 13 октомври, администраторите на фан-страницата посветена на легендарниот актер споделија емотивна порака со која уште еднаш потсетија колку многу им недостига на оние што го сакаа и почитуваа неговото дело.
Поминаа цели 23 години откако нè напушти Ѓорѓи Колозов. Си замина тивко, без поздрав, но зад себе остави нешто што времето никогаш нема да го избрише“, напишаа тие.
Во продолжението на објавата се потсетуваат на неговиот глас и незаборавните улоги, кои и денес создаваат чувство дека актерот сè уште е меѓу нас.
Те нема веќе 23 години, честити царе, а како вчера да беше со нас. Македонија те памети, те сака и никогаш нема да те заборави! Вечна ти слава!“
Повеќе од 166.000 луѓе го чуваат споменот за легендарниот актер
Љубовта кон Ѓорѓи Колозов не е само носталгија. Фан-страницата посветена на неговиот лик и дело, создадена во 2009 година, денес има повеќе од 166.000 следбеници кои со фотографии, видеа, анегдоти и спомени ја одржуваат живата врската со актерот.
Нејзините администратори велат дека зад нив се 17 години споделување содржини и заедничко негување на споменот за еден од најсаканите македонски актери.
Ви благодариме на секој еден од вас што сте со нас, што ги споделувате спомените, фотографиите и приказните и што, сите заедно, придонесуваме ликот и делото на Ѓорѓи Колозов да продолжат да живеат“, порачуваат тие.
„Добре дојдовте кај дедо Боже!“ – анегдота што и денес се раскажува
Колку неговата духовитост и човечност оставиле трага кај луѓето покажува и една анегдота од 1992 година, кога Колозов престојувал во својата викендичка во селото Велестово, над Охрид.
Поврзани објави
Според приказната споделена на фан-страницата, во близина на викендичката на Ѓорѓи и неговата сопруга Шенка, група млади луѓе доживеале сообраќајна несреќа – автомобилот со кој се возеле се превртел на стрмниот пат.
Колозов веднаш истрчал да им помогне. Младите, потресени од случката, успеале да излезат од возилото, но биле збунети и исплашени. Пред нив се појавил белокос и белобрад човек, кој со својот препознатлив хумор ги поздравил со зборовите:
Добре дојдовте кај дедо Боже!“
Наместо само приказна за една несреќа, оваа случка останала запаметена како сведоштво за неговиот ведар дух и способноста дури и во тешки мигови да внесе човечност и топлина.
Четири децении од почетоците на „Македонски народни приказни“
Оваа година се одбележуваат и 40 години од почетокот на снимањето на „Македонски народни приказни“ на отворено, во препознатливата форма што ја освои публиката.
Претходно, приказните се снимале во студијата на Телевизија Скопје, а од 1986 година добиле нова форма и автентичен шмек што со години ги држеше гледачите пред малите екрани.
Колозов стана еден од најпрепознатливите актери поврзани со овој серијал, а неговите ликови и денес се дел од колективната меморија на македонската публика.
Човек двапати заминува од овој свет: еднаш кога тивко ќе му згасне часот, а вторпат кога ќе замолкнат зборовите за него, кога ќе избледи од сеќавањата“, напишале неговите почитувачи во една од претходните објави.
За Ѓорѓи Колозов, очигледно, второто заминување сè уште не е ни на повидок. Неговите приказни продолжуваат да се раскажуваат, неговите улоги повторно да се гледаат, а неговото име да буди љубов и почит кај старите и новите генерации.
Фото и видео: Facebook