Главниот предизвик за Северна Македонија во 2026 година ќе бидат реформите, како што беше нагласено и во Извештајот за земјата на Европската комисија што неодамна беше објавен. Меѓутоа, реформите не се легитимни и неопходни само затоа што се бараат во рамките на процесот на европска интеграција.
Тие се, пред сè, во интерес на македонското население, со цел да се создадат услови за силен економски раст и да се зајакне довербата на граѓаните во нивните институции. Три сектори заслужуваат посебно внимание: модернизацијата на јавната администрација, јакнењето на владеењето на правото и завршувањето на големите регионални инфраструктурни проекти, особено коридорите VIII и X.
Првиот предизвик е реформата на јавната администрација, во име на подобрувањето на квалитетот на јавните услуги кон кои се стремат сите граѓани. Потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу Министерството за јавна администрација и Франција на 19 септември 2025 година, претставува значаен чекор со кој француската експертиза, особено онаа на Националниот институт за јавна служба (INSP), се става во функција на владините цели за помодерна, поефикасна и потранспарентна администрација.
Во првата фаза, ќе се работи на поставување на темелите на идната академија за јавна администрација, чии активности би требало да започнат во 2027 година. Целта на овој проект е да се поддржи професионализацијата на јавната служба преку развивање на кохерентна понуда за почетна и континуирана обука, фокусирана на етиката, управувањето со проекти и евалуацијата на јавните политики.
Вториот предизвик што треба да се совлада е јакнењето на владеењето на правото. Северна Македонија постигна напредок, но очекувањата остануваат високи во три области кои се суштински за економското опкружување: борбата против корупцијата, независноста на судството и правната предвидливост. И во овој случај, не станува збор само за исполнување на барањата на Европската Унија.
Станува збор за воспоставување рамка која на инвеститорите ќе им понуди задоволително ниво на правна сигурност (стабилност на регулативите, транспарентност, еднаков третман, доверба во правосудниот систем за решавање на споровите). Кога меѓународните компании ја оценуваат деловната клима пред да донесат одлука за инвестирање, владеењето на правото е барем исто толку пресудно колку и даночната рамка или цената на работната сила.
Оттука, атрактивноста на земјата во голема мера зависи од ефективното спроведување на реформите и од капацитетот на контролните институции да делуваат независно и непристрасно.
Третиот предизвик е продолжување на напорите во делот на инфраструктурата, особено транспортната. Сместена во срцето на Балканот, Северна Македонија може да извлече значителна корист од развојот на паневропските коридори VIII и X кои се вкрстуваат на нејзината територија.
Неодамнешниот договор со Бугарија за изградба на прекуграничен железнички тунел оди во прилог на ова движење за подобрување на поврзаноста и регионалната интеграција. Ангажманот на македонските власти на овој план би требало да овозможи брз и конкретен напредок.
Овие инвестиции, во 2026 година и во годините што следат, ќе бидат вистински двигатели на регионалната интеграција и конкурентноста на Северна Македонија.
Во тој контекст, односите со Франција добиваат посебна димензија. Неколку француски компании одблизу го следат развојот на македонскиот пазар, без разлика дали станува збор за секторите енергетика, транспорт или животна средина, привлечени од стратешката географска положба на земјата и од перспективата за засилена европска интеграција.
Активното присуство на Француската агенција за развој (ФАР), која е ангажирана во проекти за зелена транзиција, социјално претприемништво и јакнење на граѓанското општество, го надополнува пристапот на компаниите и придонесува за подобрување на општата деловна клима.
Доколку Северна Македонија успее во 2026 година да ги консолидира овие три столба – модерна јавна администрација, зајакнато владеење на правото и ефикасна регионална инфраструктура – таа ќе може да ги трансформира овие предизвици во можности и да чекори кон нова етапа на патот кон просперитетот и нејзиното трајно втемелување во европското семејство.
Текст: Економист: Светот во 2026-та
Фото: приватна архива