Генералниот секретар на Владата и други раководни лица не доставуваат барања до Владата за одобрување на набавки. Такви барања се даваат кога се одобрува буџетот. Јас реферирав мое барање пред министерот, пред Владата и Собранието и изјавив за зошто се бараат тие средства, рече поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски на денешното рочиште за случајот „Софтвери“, одговарајќи на прашање од обвинителството „дали доставил информација до Владата дека ќе набави софтвер“.
Одговарајќи на крос-прашањето на јавниот обвинител дали како генерален секретар доставил на Владата намера за таква набавка, Рашковски рече дека не беше потребно да доставува таква информација.
Прашан за одобрување на набавката на софтверот, Рашковски рече дека таково одобрување не постои, бидејќи не му беше потребно да го бара.
Што се однесува до информациите за фазите на имплементацијата, Рашковски рече дека според тендерската информација, потврдувањето на фазите е работа на договорните органи.
– Софтверот беше целосно реализиран во првите 80 дена. Не може да барате потврдување на фази на имплементација кога имате готов производ пред себе, изјави Рашковски.
По обвинувањата дека МВР не им доставува податоци за да може да се изрекуваат казни, Рашковски рече дека софтверот функционира и без базата од МВР.
Што се однесува до присуството на работа на лицата ангажирани по авторски договор во Владата, Рашковски рече дека има записи за нивната работа и дека нема потреба од записници за состаноци.
На рочиштето се заврши со изведувањето на материјалните докази на одбраната страна и со исказ на Рашковски пред судот. Потоа беше извршено крос-испрашување со јавната обвинителка Маја Конеска.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“, додека И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Следното рочиште е закажано за 30 март во случајот „Софтвери“.
