Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг ја реафирмираа нивната цврста соработка, која е видлива во автомобилската индустрија и енергетскиот сектор, за време на денешната средба во Москва, со што се одбележаа 80 години од завршувањето на Втората светска војна.
“Во услови на тешка геополитичка ситуација и глобална неизвесност, руско-кинеската надворешно-политичка врска е најважниот стабилизирачки фактор на меѓународната сцена”, истакна Путин.
Кина претставува клучен потрошувач на руски природни ресурси како гас и нафта, чија продажба го надополнува воениот буџет на Русија за конфликтот кој започна со Украина пред повеќе од три години, информира ДПА.
Рускиот министер за енергетика Сергеј Зивилјов, говорејќи за плановите на ЕУ да прекине со користење на руски гас до 2027 година, рече дека Москва ќе најде алтернативни купувачи. Тој уште еднаш ги оквалификуваше како „нелегални“ западните санкции воведени како одговор на војната на Русија против Украина.
Со зголеменото оддалечување на Русија од Западот, се интензивира нејзиното потпирање на стратешката алијанса со Кина. Според официјалните податоци, билатералната трговска размена во текот на минатата година се зголеми на 245 милијарди долари, пренесе ДПА.
Си изјави дека Русија и Кина ја продлабочиле нивната меѓусебна политичка доверба за време на состанокот во услови на невидени глобални промени, јави кинеската државна агенција Синхуа.
Русија претставува значаен пазар за кинески автомобили, и со најновите американски давачки, Кина порача дека сака да соработува со Русија за да ги заштити интересите на двете држави од „унилатерализмот и малтретирањето“.
Овој термин е израз кој Кина го употребува во врска со нејзините трговски несогласувања со САД. Унилатерализмот претставува стратегија на една држава да ги стави сопствените интереси пред сѐ, без оглед на меѓународните партнери или организации.
Кремљ го покани Си како почесен гостин на прославите по повод одбележувањето на победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија. Москва традиционално го прославува крајот на војната на 9 мај со голема воена парада на Црвениот плоштад.
Презентирањето на воена опрема предизвика критики, особено од Западот, заради војната на Путин против Украина. Кина официјално се декларира како неутрална во војната во Украина. Сепак, државата се соочи со меѓународни критики заради поддршка на Русија за време на инвазијата. Кина го одбележува крајот на Втората светска војна на почетокот на септември.
Путин изјави дека планира да изврши возвратна посета на Народна Република Кина во тоа време. јт/Фото: ЕПА .