Почетна МакедонијаПРОФЕСОРКАТА РЕНАТА ДЕСКОСКА: Законот за високо образование – Построги критериуми или почитување на постојните?

ПРОФЕСОРКАТА РЕНАТА ДЕСКОСКА: Законот за високо образование – Построги критериуми или почитување на постојните?

од nenad
4 минути читај за


Меѓу многуте прашања кои се отвараат на политичката сцена, особено важно е прашањето околу најавените измени на Законот за високо образование (#ЗВО). Кога се подготвуваше постојниот закон, кој е единствен закон за високо образование кој практично остана непроменет повеќе од 6 години (со исклучок на минорната измена за пензионирањето), поминавме низ еден тежок и инклузивен процес на разговори и дебата. По усвојувањето на законот, работната група која работеше на законот се собра во Клубот на пратеници да разговара за понатамошната имплементација на законот. За жал, јас следниот месец го напуштив МОН и немав прилика да ја водам и следам имплементацијата на ЗВО. По враќањето на факултет во 2020 до денес, добив можност да видам изворно како се спроведува законот и од кои одредби се отстапува.
Сега кога се најавува измена на законот од страна на министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и од националната координаторка за високо образование проф. д-р Солза Грчева, редно е да се направи оценка пред се на имплементацијата на законот за да се согледа дали одредени проблеми се резултат на недостатоци во законските одредби или во нивната имплементација.

Централно прашање за кое се најавува измена се законските критериуми за избор во звања со цел истите да се покачат. Какви се сегашните #критериуми?
Според сегашните критериуми за едно лице да биде избрано во звање треба да има објавено одреден број на рецензирани научни трудови во референтна научна публикација. Законот дефинира што претставува референтна научна публикација.
Значи за еден труд да биде прифатен како критериум за избор во звање треба да бидат исполнети следните услови:

– Да е објавен пред денот на доставување документи на конкурсот
– Да е рецензиран
– Да е научен труд
– Да е објавен во референтна научна публикација (списание кое е индексирано во база на податоци, книга објавена во земја на ЕУ/ОЕЦД, зборник на трудови кој исполнува одредени критериуми и сл.).
Кога се тргнува во реформа или измена на критериумите, добро би било претходно да се утврди дали постојните критериуми се применувале до сега или во име на „солидарност“ со веќе вработените на универзитетите, рецензентските комисии и/или наставничките совети „им прогледувале“ низ прсти на колегите и им дозволувале да напредуваат во повисоки звања без да ги исполнат дури и овие законски услови, кои надлежните за образование ги сметаат за ниски. Би било добро, МОН и надлежниот инспекторат да направат проверка:

– Дали рецензентските комисии се конзистентни во оценката на трудовите или исти коавторски трудови ги оценуваат на различен начин кај различните кандидати, согласно нивната потреба? Односно дали еден ист труд кај едниот коавтор е оценет на еден начин, а кај другиот на друг, бидејќи на вториот му недостасуваат трудови за да биде избран во повисоко звање?
– Дали како објавени книги се прифаќаат, трудови кои не го поминале процесот на објава како книга и не се идентификувани како книги со меѓународната ознака, туку се објавени само на веб страна на некоја невладина организација, на некој истражувачки институт, на некој проект и сл?
– Дали се напредува со објавени трудови до денот на доставување на документи или со трудови кои се во печат и допрва треба да се објават?
– Дали се напредува со научни трудови или со мини трудови од неколку странички кои се публицистички трудови, со мини осврти или предговори на книги, трудови кои треба да отворат дискусија, па дури и со апстракти?
– Како се спроведуваат постапките за избор?

Следната тема која треба да се разгледа е работењето на Одборот за акредитација и дали тие соодветно оценувале барањата за #акредитација или и таму се давани акредитации без да се води сметка за доследно спроведување на законските одредби. ЗВО содржи одредби со многу прецизни критериуми за високообразовните установи, кои ако се применат, одредени факултети и програми би биле затворени само врз основа на тие формални критериуми. На пример ЗВО предвидува дека секој факултет (не универзитет – туку факултет!) мора да има најмалку 10 наставници во работен однос. Доволно е да се провери бројот на акредитирани факултети и лесно ќе се види дека во Македонија нема толкав број на професори кои би можеле да ги покријат сите тие факултети.
Исто така би било добро да се разгледа и дали актите кои ги носат универзитетите се во согласност со ЗВО или пак со своите акти тие се обиделе да „избегнат“ одредени законски норми.

Ова се само дел од прашањата кои МОН треба да се обиде да ги „затвори“ пред да ја отвори постапката за менување на постојните одредби. Тие прашања ќе покажат дали проблемот е во одредбите на законот или во нивната неимплементација. Во спротивно, ќе се најдеме во ситуација која е типична за нас – полесно е да го смениме законот, отколку да го имплементираме. Затоа сите реформи кај нас се во суштина промена на закони (што е полесно), а не на практики, односно не на контрола над спроведувањето на постојните одредби (што е многу потешко).
#ЗВО #критериуми
Честит 17-ти Ноември – Меѓународниот ден на студентите!