Еко-активисти денеска протестираа поради контаминацијата на Крива Река, настан кој настана по несреќа во рудникот Тораница, управуван од компанијата „Булмак 2016“, порачувајќи: „Крива река не ви е крива“.
Пред Министерството за животна средина и просторно планирање, присутните бараа одговорност, увид во испитувањата на водите, како и чекори за заштита на водоснабдувањето во регионот.
Ивана Дракулевска од Зелен Хуман Град изјави дека неодамнешната несреќа во рудникот Тораница ја покажа човечката небрежност кон природата. „Пукната цевка од рудникот ја загади Тораничка Река, која потоа се влева во Крива Река, па на видеоснимките од локалните жители можевме да ја видиме реката низ која наместо вода, изгледа како да тече бетон“. Таа додаде: „Го немаме луксузот да бидеме рамнодушни и да молчиме, како што молчат оние што беа должни да го спречат овој инцидент“.
Дракулевска дообјасни дека бараат да се покрене истрага за надлежните лица во институциите кои, според нив, морале да ја завршат својата работа според законот, а тоа не го направиле. „Особено Државниот инспекторат за техничка инспекција и за инспекторите кои не земале мостри дента на настанот. Дали го провериле и следеле квалитетот на опремата која што располагал рудникот, техничката опрема, цевките, дали се исправни, дали не, ова можело да се предвиди и да се превенира. Не можеме да очекуваме цевка која што е стара 30 години ќе трае вечно”, истакна Дракулевска.
Дејан Димитровски од Зелените од Гази Баба апелираше до властите да се држат настрана од животната средина. „Увидовме дека има пропусти. Кратко би апелирал до сите претходни влади и оваа сега да ги тргнат рацете од животната средина, затоа што тоа е нешто најважно, граѓаните го заслужуваат и по устав. Тргнете ги бизнис интересите од здравјето на граѓаните. Поминаа 30 години, ние секоја година излегуваме на улица се бориме за здравјето на граѓаните но нема никакви резултати”, рече тој.
Ива Петровска од Зелен Хуман Град нагласи дека приоритет треба да биде чистата вода. „Како Вардар ја краси Македонија кога сега имаме дополнително загадување и на Крива Река која се влева во Пчиња, која е заштитена и чиста во Србија, а се влева во Вардар. До кога ќе си играме мајтап со реките, треба ли да останеме без нив за да го ставиме фокусот и приоритетот на тоа дека водата треба да е чиста?”, праша таа.
Случајот со Крива Река се однесува на контаминација на водата во реката, која настана по дефект во рудникот Тораница, управуван од компанијата „Булмак 2016“. Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово започна истрага за да ги утврди причините и последиците од контаминацијата. Истрагата потоа ја презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Според испитувањата, водата во реката е сериозно контаминирана со цијанид и тешки метали, што претставува опасност за здравјето на локалното население и животната средина.
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, тогаш изјави дека еколошкиот инцидент во рудникот Тораница нема да остане нерешен и целосно ќе биде расчистен и ќе има правен епилог. „Според А интегрираната дозвола што ја има рудникот не смеело да им пукне цевка и да се излее вода во Тораничка Река за што веќе се казнети правното и одговорното лице. Загадување имало, се излеало јамска вода, но во какви размери е загадувањето и дали е за кривична одговорност не може пред време да прејудицираме”, рече таа.
Од Зелен Хуман Град велат дека институциите кои требаше да ја спречат несреќата во рудникот Тораница не само што дозволија таа да се случи, туку и потфрлија. Оттаму имаат повеќе барања помеѓу кои објавување на сите извештаи и анализи. „Бараме објавување на сите извештаи и анализи од Државниот инспекторат за животна средина и Технолаб, истрага за службените пропусти при надзорот од Државниот инспекторат за техничка инспекција, вклучувајќи ги и државните инспектори за геологија, рударство и опрема, производи и постројки, кои се задолжени за преглед, контрола и евиденција на техничките карактеристики и безбедноста. Дополнително, бараме конкретни мерки за спречување на понатамошно загадување и обврска за транспарентност и достапност на сите информации што се од јавен интерес во најкус можен рок”, бараат оттаму.
ар/лв/Фото:МИА . Извор: МИА