Почетна ЕкономијаПромовирани 497 нови полициски службеници од генерација 2024-2025

Промовирани 497 нови полициски службеници од генерација 2024-2025

од nenad
2 минути читај за

Во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово денеска се одржи свечена промоција на новите полициски службеници – генерација 2024-2025.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на промоцијата порача дека годинава МВР станува побогато за 497 нови колеги, идни чувари на безбедноста на граѓаните, „синови и ќерки на Македонија“.

–          Полициската професија не е само избор, туку е повик, завет кој секој еден од вас го прифаќа со цел да ги чува своите блиски, своите граѓани, својата татковина, безбедни и сигурни.

Почитувани идни колеги, благосостојбата и напредокот на едно општество се темелат на почитување на законите, на правната држава, чија основа е успешното функционирање на безбедносниот систем.

Тоа значи да создаваме, градиме и да унапредуваме една модерна, опремена, стручна и професионална, но секако и задоволна полиција, која своите задачи и обврски ќе ги извршува максимално законито, стручно, одговорно и транспарентно во име на граѓаните, во име на својот народ, порача Тошковски.

 Тошковски, исто така, порача дека се градат и ќе се градат нови полициски станици, како и дека се планира обновување на возниот парк на министерството, нови модерни и функционални униформи и материјално и техничко унапредување на сите организациони единици.

Во унапредувањето на условите за работа, тој нагласи дека, ќе биде направено и преку редовно зголемување на примањата на сите вработени во МВР.

Помошник министерот на Центарот за обука на МВР, Влатко Митковски во своето обраќање пред 13-те тимови нови полициски службеници, им порача дека промоцијата е награда и показател на нивната работа, труд и вложување.

–          Почитувани кандидати, да се биде полицаец не е само работа, тоа е професија која носи голема одговонрост.

Нашите сограѓани секогаш ќе гледаат во вас, како за заради зачувување на индивидуалната, така и заради колективната безбедност.

Носејќи ја полициската униформа станувате членови на едно големо полициско семејство. Тука сте не само за нашите сограѓани, туку и едни за други, порача Митковски.

 На промоцијата беа доделени благодарници и пофалници за најдобрите полициски кандидати од генерацијата. бд/аа/Фото: МИА .

Извор: МИА