Симона Ристовска ни приготви фантастично мезе!
Кој не обожава похуван кромид, помфрит и крцкави грицки? Знаеме колку се калорични, па затоа Симона Ристовска (@nourish_diaries) ни ги приготви во поздраво издание: „Не само што ќе ви ја задоволат желбата за грицкање, туку и ќе ве обезбедат со многу хранливи состојки. Надополнете го ова крцкаво задоволство со безалкохолен коктел за комплетен хедонизам!“
КРЦКАВА МЕЗЕ-ДАСКА
Состојки:
За грицките од наут и грашок:
- 400 г наут од конзерва
- 200-250 г грашок од конзерва
За помфритот од рерна:
- 3 средни компири
- 2-3 лажици оцет
Поврзани објави
За похуваниот кромид:
- 1 голем кромид (или 2 помали)
- 50 г пченкарно брашно
- 150-180 мл аквафаба (од наутот)
- 100 г лебни трошки
Дополнително:
- сол, бибер, црвен пипер, чили по потреба
- маслиново масло
Приготвување:
1. Грицки од наут и грашок: Ја загреваме рерната на 200˚Ц со вентилатор. Ги процедуваме наутот и грашокот и ги миеме со ладна вода. (Зачувајте ја течноста од наутот, бидејќи ќе ви треба за похуваниот кромид). Добро ги сушиме со помош на крпи и ги ставаме да се печат околу 15 минути. Внимавајте да бидат оддалечени зрната, бидејќи така ќе останат крцкави. Ги вадиме од рерна, прскаме со малку маслиново масло, зачинуваме со сол, црвен пипер, бибер и чили по потреба, убаво промешуваме и ги враќаме во рерна уште 15 минути или додека станат тврдо крцкави. Ја исклучуваме рерната и ја оставаме малку подотворена. Така грицките ќе останат крцкави и наредниот ден.
2. Помфрит од рерна: Ја загреваме рерната на 230˚Ц со вентилатор. Во тенџере зовриваме вода. Ги лупиме компирите и ги сечкаме во форма на помфрит. Кога водата ќе зоврие, додаваме 2-3 лажици оцет и 1 лажиче сол и ги додаваме компирите. Оставаме да се варат 10 минути. Убаво ги процедуваме и ги сушиме со помош на крпа или кујнска хартија. Ги истураме на хартија за печење, пропрскуваме со малку маслиново масло и сол и ги ставаме да се печат околу 20 минути. Ги вадиме од рерна, промешуваме внимателно и ги враќаме уште 10-20 минути, зависи колку тенко се исечени.
3. Похуван кромид: Ја загреваме рерната на 220˚Ц со вентилатор. Го сечкаме кромидот на што поеднакви кругови, за да им биде потребно исто време за готвење. Така исечканиот кромид го ставаме во сад со вода и мраз, да отстои најмалку половина час. Во 3 посебни сада ги ставаме, пченкарното брашно, аквафабата од наутот и лебните трошки измешани со сол и црвен пипер. Го процедуваме и сушиме кромидот. Секој круг или по неколку одеднаш, ги валкаме во пченкарното брашно, потоа ги потопуваме во течноста од наутот и на крај во лебните трошки. Редиме на хартија за печење пропрскана со маслиново масло (опционално) и ги печеме 15 минути. Ги вадиме од рерна, ги превртуваме круговите од другата страна и ги враќаме да се допечат уште 10-15 минути, додека добијат златно-жолта боја.