На што беше ставен фокусот во 2024 година, односно од вашето доаѓање во Министерството за надворешни работи, сега Министерство за надворешни работи и надворешна трговија?
Втората половина од оваа годината, беше период во кој најголемо внимание беше посветено на консолидирање на сите аспекти кои ја опфаќаат дипломатијата, како од аспект на надворешно-политичките и економски активности, така и во однос на финансиската и организациска поставеност.
Во изминатиот период, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се фокусираше на спроведување јасна и стратешки ориентирана надворешна политика, насочена кон заштита на државните и национални интереси и позначајно унапредување на нашата меѓународна позиција.
Меѓу главните приоритети беше интеграцијата на надлежностите од областа на надворешната трговија во рамките на редовниот мандат на министерството, создавајќи услови за подобра координација и зголемена ефикасност во надворешна промоција на економските интереси на земјата.
Посебен акцент беше ставен на забрзувањето на евроинтеграциите, преку усвојување на „Реформската агенда“ и поддршката за одржување активен дијалог со европските партнери.
Нашите меѓународни активности во изминатиот период вклучуваа интензивно учество на најважните настани во рамките на мултилатералните организации и форуми, како Генералното собрание на ОН, Самитот на Франкофонија и НАТО Самитот во Вашингтон, каде што официјално беше одбележана 75-годишнината од формирање на Алијансата.
Преку овие засилени ангажмани, државата го засили својот статус како активен и конструктивен партнер на меѓународната сцена. Во исто време, преземавме значајни чекори во насока на подобрување на билатералните односи, меѓусебната доверба и поддршка, посветувајќи посебно внимание кон соседните земји и зајакнување на регионалната соработка, преку активна улога и вклученост во регионалните иницијативи.
Економската дипломатија беше и останува да биде во центарот на нашето внимание, при што сериозно ги интензивираме напорите за засилено привлекување нови странски инвестиции, како и дополнителна поддршка на македонските компании за излез на нови пазари ширум светот. Во рамките на овие активности, ја разгледуваме можноста за модернизација на процедурите и активностите во МНРНТ и дипломатско-конзуларната мрежа, а со цел значајно да се подобрат услугите кои ги нудиме на физичките и правните лица и да создаваме услови за поефикасна економска промоција.
Дополнително, државата продолжи да биде активен чинител во рамки на НАТО, силно потврдувајќи ја поддршката за Украина, при тоа зацврстувајќи ги односите со Соединетите Американски Држави како клучен стратешки партнер, како и со другите земји членки.
Паралелно се финализира новата Национална стратегија за соработка со дијаспората, која се очекува да ја зајакне врската со македонските иселеници и да придонесе за нивно поголемо вклучување во економскиот, образовниот и културниот развој на земјата.
Што беше фокусот во делот на евроинтеграциите?
Во делот на евроинтеграциите, новата влада предводена од ВМРО ДПМНЕ и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во 2024 година покажаа зголемен степен на активности, проследени со искрена и цврста посветеност кон исполнување на сите потребни критериуми за што е можно побрзо остварување на полноправното членство во Европската Унија и сето тоа поткрепено со јасна политичка визија, конзистентни демократски реформи и зголемена стабилност.
На домашен терен, јасно ја демонстриравме посветеноста за спроведување на неопходните реформи, со посебен акцент на владеењето на правото, економскиот систем и јавната администрација.
Посебно внимание посветивме на одржувањето активен билатерален дијалог и соработка со земјите членки на ЕУ, преку остварување бројни директни контакти и средби на високо политичко ниво. Овие активности беа искористени за акумулирање дополнителна поддршка и зголемување на сензибилитетот кај европските партнери за важноста на реализацијата на македонските приоритети во рамките на евроинтеграциите.
На сите овие средби, ја нагласував нашата цврста посветеност на патот кон полноправно членство во Унијата, во функција на потребата од зачувување на кредибилитетот на самиот процес на проширување, заснован на вредностите на унијата, со користење на јасните и мерливи критериуми, без да истиот биде оптоварен со билатерални спорови.
Потврда за нашата извонредна, долгорочна и конзистентна соработка со Унијата е и неодамнешното потпишување на Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ, со што станавме првата земја од регионот потписник на таков вид партнерство. Тоа истовремено е јасен одраз на одлично воспоставените релации и доказ за добрата и континуирана соработка со Унијата и истовремено претставува важен чекор за продлабочување на соработката и во рамките на широкиот спектар на безбедносни и одбранбени прашања.
Поврзани објави
Кажете ни нешто повеќе за новите надлежности на министерството, во делот на надворешната трговија и привлекувањето на странски инвестиции?
Привлекувањето странски директни инвестиции, поттикнувањето на извозот и развојот на надворешната трговија претставуваат едни од најважните приоритети на владата. Во финална фаза се измените и дополнувањата на Законот за надворешни работи, кои покрај промената на насловот во Закон за надворешни работи и надворешна трговија ќе ни овозможат во најкраток можен рок да бидат преземени неопходните активности во насока на целосно инкорпорирање на новите надлежности.
Со овие законски измени, Министерството ќе добие редица на нови задачи, но и дополнителна одговорност во областа на надворешната трговија, со што се отвораат нови можности за унапредување на билатералната и мултилатералната економска соработка, остварување на поголем економски раст и засилена поддршка на македонските компании на регионалните и глобални пазари.
Министерството наскоро ќе ги преземе новите надлежности од Министерството за економија и труд, вклучувајќи трансфер на вработени со стручни знаења и искуства од областа на надворешната трговија. Очекуваме оваа промена да придонесе кон подобра синхронизација на дипломатските и надворешно трговските активности. Основната поставена цел на споменатата реорганизацијата е упатена кон давање поголемо значење на потребата од зголемувањето на надворешната трговија и унапредување на можностите за зголемено и поквалитетно учество на економската дипломатија во рамките на нашето надворешно претставување.
На таков начин се очекува да се обезбедат поефикасна заштита и промоција на економските интереси на земјата, привлекување повеќе странски директни инвестиции и позначајно унапредување на трговската размена со трети земји.
Со реорганизацијата на МНРНТ, исто така е предвидена постепена модернизација на дипломатско-конзуларната мрежа, која всушност треба да биде и соодветен одговор на глобалните економски предизвици. На овој начин, надворешната трговија и економската дипломатија влегуваат во клучните компоненти на најновите стратешки приоритети на надворешната политика на државата.
Во наведената насока се очекува Министерството да располага со зголемени човечки и материјално-финансиски ресурси и овластувања, кои ќе бидат неопходни за унапредување на економската соработка, склучување на нови трговски договори и привлекување инвестиции. Дополнително, МНРНТ ќе работи на формирање нови бизнис-асоцијации, организирање економски форуми и презентации, преку кои ќе се зголемува на присуството на македонските компании на нови пазари, ќе се промовираат македонската економија и нашите економски интереси ширум светот
Во наредната година, Министерството посебно ќе се фокусира на интензивирање на дипломатските активности на нашите ДК претставништва кои голем дел од своето внимание ќе го посветат кон привлекување на странски инвестиции, особено во областа на иновациите и високо технолошките индустрии.
Планирани се и активности за отворање нови преговори за потпишување договори за слободна трговија, намалување на трговските бариери и промоција на македонските производи преку учество на поважни глобални саеми и изложби.
Што се случува со дијаспората кои се плановите за иднина и дали се планира нешто повеќе околу културната дипломатија?
Во делот на дијаспората и културната дипломатија, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува силно посветено на унапредување на соработката со македонската дијаспора и промоцијата на националните културни вредности на меѓународната сцена.
Во таа насока, во подготовка е нова Национална стратегија за соработка со дијаспората за периодот 2025-2030 година, која ќе биде насочена кон активно вклучување на нашите иселеници во економскиот и културниот развој на државата, истовремено зајакнувајќи ја нивната улога во зачувување на македонскиот идентитет и културно наследство.
Како дел од оваа стратегија, предвидено е организирање редовни онлајн-средби и форуми за директна комуникација со дијаспората, преку кои ќе се презентираат визијата и плановите на Владата за економски и културен напредок. Министерството, исто така, ќе ја зајакне јавната и културната дипломатија преку издавање релевантни печатени и електронски изданија, како Македонскиот дипломатски билтен, што ќе придонесе за афирмација на националните вредности, јазикот и културата на глобално ниво.
Културната дипломатија ќе продолжи да биде важен инструмент за зајакнување на меѓународното присуство на нашата земја, кое реално може да биде зголемено преку организирање повеќе квалитетни културни манифестации, изложби и учество на други значајни високи меѓународни форуми од областа на културата.
Овие активности можат значајно да помогнат во промовирање на богатото културно и историско наследство, традиции и обичаи на државата, да ја зајакнат нашата позиција на меѓународната сцена и да придонесат за создавање на нови можности за проширување на соработката со други земји и во овие области на општествено живеење.
Текст: Економист: Светот во 2025-та
Фото: Приватна архива