Францускиот премиер Франсоа Бајру објави дека ќе побара изјаснување за доверба во парламентот во однос на буџетот за 2026 година, кој содржи мерки за фискална консолидација.
Бајру денес соопшти дека заедно со претседателот Емануел Макрон се договориле гласањето за доверба да се случи на 8 септември.
Франција се соочува со значаен буџетски дефицит, а владата планира кратења во вредност од 43,8 милијарди евра.
Левичарските политички партии во Националното собрание веќе најавија предлог за недоверба на владата, а синдикатите апелираат на општ штрајк на 10 септември.
Бајру ја предводи малцинската влада од декември, по ненадејната одлука на Макрон да организира предвремени парламентарни избори минатата година. Тој во јули успеа да опстане на гласањето за недоверба благодарение на одлуката на крајнодесничарската Национална алијанса на Марин Ле Пен да не ја поддржи социјалистичката иницијатива. “Засега е неизвесно како оваа партија ќе се постави при новото гласање.”
Државниот долг на Франција достигна 114 проценти од бруто домашниот производ (БДП), што ја позиционира како една од државите со најголем сооднос долг-БДП во еврозоната. ссм/фото: архива. Извор: МИА