Пратеникот Халил Снопче, член на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), учествува на 31. годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 29 јуни до 3 јули 2024 година во Букурешт, Романија. На отворањето на Пленарната сесија пред пратениците се обратија Пиа Каума, претседателка на ПС на ОБСЕ, која информираше за активностите на ова меѓународно собрание и Николае-Јонел Чиуца, претседател на Сенатот на Романија, кој се осврна на значењето на дијалогот, соработката и реафирмирањето заедничките принципи на ОБСЕ, како и на безбедносните предизвици кои произлегуваат од руската агресија врз Украина.
Трите комисии на ПС на ОБСЕ дискутираат за извештаите и Предлог-разолуциите на тема: „Улогата на ОБСЕ во тековната безбедносна архитектура: парламентарна перспектива“. Пратеникот Халил Снопче учествуваше во дебатата на Генералната комисија за економски прашања, наука, технологија и животна средина, каде што се осврна на предизвиците кои се последица на развојот на вештачката интелегенција, потенцирајќи дека човештвото сè уште не може да се произнесе дали вештачката интелегенција е наш пријател или непријател. Тој се осврна на придобивките од ВИ во многу области, како што се медицината, сообраќајот, финансиите и економијата, наведувајќи конкретни примери, Снопче, исто така, напомена дека без оглед на големиот подем, постојат бројни ризици со кои мора да се соочат сите земји и за кои е потребна сеопфатна соработка меѓу владите, индустријата и академиите, сè со цел воспоставување на солидна рамка, стандарди и етички кодекс. Исто така, тој даде препораки со конкретни чекори што треба да ги преземе Република Северна Македонија, како членка на ОБСЕ и НАТО.
Халил Снопче имаше обраќање и на Интерпарламентарниот форум на делегациите од Југоисточна Европа во ПС на ОБСЕ, на тема: „Депопулација и одлив на мозоци“. Тој нагласи дека иселувањето на младите, што доведува до процес на демографско стареење на населението, во Република Северна Македонија е детектирано како еден од позначајните проблеми и, токму затоа, новата Влада пристапи кон целосна реорганизација на државната управа со која, мегу другото, се формира Министерство за социјална политика, демографија и млади. Пратеникот Снопче информираше за причините за иселувањето од земјата, како и за мерките што се преземаат за справување со депопулацијата и одливот на мозоци, согласно Национална стратегија за млади 2023 – 2027.
На 31. годишна сесија, пратениците членови на ПС на ОБСЕ со тајно гласање треба да изберат претседател, тројца потпретседатели, како и членови на бироата на трите комисии на парламентарното собрание. Се очекува на крајот од Годишната сесија, Парламентарното собрание на ОБСЕ да усвои „Декларација од Букурешт“, со препораки до владите и парламентите на земјите учеснички за широк спектар на прашања во полето на политиката, економијата, животната средина и човековите права.
Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.