Почетна Убавина и здравјеПразници се ближат, колегијални лицемерија ќе се нижат – Убавина и здравје

Празници се ближат, колегијални лицемерија ќе се нижат – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Ти во кои припаѓаш?

Уште како дете не ги сакав тие големи собиранки. Никогаш не ме воодушевуваше собирањето на десетици, а уште помалку стотици луѓе на едно место и тоа само затоа што се мора. Едноставно ништо не се мора, освен ако не сме задоени со туѓото мислење. Но ние сме Балкан, овде мора да се почитува тоа што го наметнуваат општествените норми и правила ако не сакаш да бидеш црната овца. Арно ама таа црна овца сите ќе ја забележат, бидејќи е една, а никој не се фокусира на стадото кое блее додека лута низ лавиринтите на урбаното живеење.

Полека, но сигурно испраќаме уште една календарска година. Денови испишани со лавина добри и не толку среќни моменти, во зависност кој го држи перото додека мастилото се разлева низ страниците на книгата наречена живот. Како што почнува времето да мириса на снег така некако и од кафаните и сите угостителски локали почнува да се шири миризба на разно разни понуди. Горе – долу или лево – десно, ако повеќе милувате, сите мирисаат на едно: витаминска, мешана и шопска салата, месо вакво или онакво и што е најважното пиење неограничено, во превод, пијте додека ви тече низ грло, зашто нозете сигурно нема да крепат.

Ваквите спектакуларни понуди за најлудата и специјална вечер полека, но сигурно ги опиваат како волшебна напивка бројните колеги од сите фирми. Со денови, па и недели има еден водич кој како луд трча од еден на друг и по сто пати препрашува за потврда, време и место. Истиот тој кој половина година не зборува со колега кој е ката дневно до него на неколку метра, ама уште пред да се појави директорот го поздравува со сите салтанати и му правии метании.

И по низа препукувања кои се секојдневие за скоро секоја работа дружина некако ќе се состави листата кој се ќе оди на предновогодишната забава. Ако ја покрива фирмата арно, ама ако ја покрива секој поединечно е тогаш почнува лудилото. Секогаш ќе има некој на кој не му се допаѓа местото, тој сака нешто пофенси, дека дома се фенси јаде и пие. Ќе му се придружи уште некој и тука повторно почнува магијата на склучување договор. На толку натегања некако ќе се соберат на еден куп и метрополците и провинцијалците и ќе почне славјето.


Поврзани објави

Но ако мислевте дека тука завршува циркусот, се зезнавте. Напротив, тука почнува хаосот. Има колеги кои доаѓаат половина час пред официјалниот почеток, не за друго тие се со „принципи“ или ако милувате оние кои навистина пукнаа да дојдат, тоа ќе им биде прво и последно излегување во едни 365 календарски денови. За да има контраст некој ќе дојде половина до еден час по официјалниот почеток и сите ќе му бидат криви што е ставен на ќоше. Постојат и ендемски видови кои цела вечер се опседнати со тоа дека салатата не им е свежа и место не им е добро зготвено, дека тие дома исклучиво јадат органски салати кои ги одгледуваат во сопствен стакленик и месото им го готват светски готвачи. Не смееме, а да ја заборавиме и колешката која низ цело Скопје, па и Македонија не најде фустан, па мораше да оди по него од Солун. Таму вонземјани ги кројат и шијат. Во целата предновогодишна лудница има има и такви колеги кои се такмичат со сите колку и од што може да испијат, но и такви кои го љубат паркетот по првата чаша алкохолен пијалак.

Ако ја редам листата до крај ќе ме фатат и празниците од првиот месец во годината што иде, па затоа до тогаш, ви ветувам, верно ќе ве „трујам“ со колумни кои имаат празничен дух, онаков реален, а не како што изгледа во некоја виртуелна, лажна реалност…

Пишува: Провинцијалецот

Фото: printskrin Youtube и pexels