Косовската полиција потврди дека почнало повлекувањето на дел од полицајците од општинските објекти на северот, договорено на средбата меѓу вицепремиерот Бесник Бисљими и претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, јавува Репортерс.
Заменик-директорот на полицијата за северен регион Ветон Ељшани рече дека одлуката на Владата е прифатена од Управата на полицијата веднаш штом била примена и била испратена „на терен“ на извршување.
Одлуката на Владата на Косово почна да се спроведува“, рече Ељшани.
Ден по средбата меѓу Бисљими и Лајчак, Владата на Косово ги презентираше деталите за што точно договориле, наведувајќи дека главниот фокус на средбата бил создавање предуслови за целосно и безусловно спроведување на Основниот договор од 27 февруари и Охридскиот анекс од 18 март.
Владата во Приштина синоќа соопшти дека е подготвена да придонесе за деескалација на ситуацијата – што го вклучува актуелното намалување на присуството на полицијата за 25 проценти во и околу општинските згради во четири општини на север.
