И оваа година, на прославата на 17-от роденден на магазинот „Убавина и здравје“, која се одржа вчеравечер во Парк Рагуза, беа наградени добрите дела и хуманоста.
Едно од нив замина во рацете на Анета Гоцевска, сопругата на починатиот возач на Брзата помош Иле Гоцевски.
Во време кога светот е преоптоварен со секојдневна трка и заборавена човечност, се појави човек чие срце љубеше повеќе отколку што можеше да издржи. Човек кој не ја мереше хуманоста со зборови, туку со дела. Тој човек се викаше Иле Гоцевски – и денес, постхумно, му оддаваме длабока и искрена почит“, соопшти уредничката на „Убавина и здравје“ Јована Стојменовиќ.
Во најцрните часови за многумина, кога болката и стравот ги парализираа улиците, Иле – возач на Брзата помош – не знаеше за пауза, не знаеше за умор. Полни 36 часа, без престан, без сон и без здив, го даваше својот максимум за да спаси животи, да внесе надеж и да пружи прва прегратка на повредените и настраданите. Само за кратки два часа го прекина маратонскиот подвиг, ветувајќи дека веднаш ќе се врати – и навистина, сакаше. Но неговото срце – тоа големо, несебично и човечно срце – не издржа.
Не од болест, не од умор, туку од преголема желба да помогне. Како да се распрсна од тежината на неговата добрина. Телото покажа граници, но душата и срцето на Иле беа бескрајни. Тој беше човек кој не знаеше да каже „доволно“. За него, секој живот вредеше како свет, секој повик беше повик на совеста, а секое утро нова шанса за да биде подобар човек – и тој беше.
Денес, пред јавноста и во име на сите кои живеат благодарение на неговата пожртвуваност, му доделуваме почесно признание за хуманост. Нема зборови што можат да ја искажат големината на овој чин. Ова признание не е само симбол, туку и сведоштво дека хероите постојат меѓу нас – тивки, скромни, но со светлина што никогаш не згаснува.
Поврзани објави
Го повикуваме срцето што му беше прибежиште и животна сила – неговата сопруга, Анета Гоцевска – да го прими ова признание. Зашто Иле Гоцевски не е само ваше семејство. Тој е семејство на сите нас. Наш херој. Наш симбол за човечност.
Иле секојдневно го даваше максимумот во помагањето на сите, сите го познаваа во Кочани. Не само по избувнувањето на страотниот пожар, тој беше човек што имаше потреба да помага. Ова е голема загуба за нашето семејство, многу ни недостасува. Се извинувам што сум емотивна вечерва пред вас, но верувајте, не можам да ги задржам чувствата. Ви благодарам за наградата“, изјави Анета Гоцевска пред присустните гости, предизвикувајќи солзи во очите на многумина од нив.
Хуманоста не умира со човекот. Таа продолжува да живее во делата што ги оставил зад себе, во спомените што ги чуваме, и во примерите што не’ обврзуваат да бидеме подобри. Иле Гоцевски не замина. Тој остана – во срцата на спасените, во гласот на благодарноста, и во сеќавањето на еден народ што никогаш нема да го заборави својот херој.
Текст: Б. Стојменовиќ
Фото: Ана Марија Јанковиќ