Поранешниот началник на италијанската полиција Џани де Џенаро, кој беше под истрага поради сомнение за спречување на нова истрага за мафијата, почина на 78-годишна возраст, објави денеска италијанската влада, а италијанските медиуми објавија дека извршил самоубиство.
Алфредо Мантовано, државен секретар во кабинетот на премиерката, изјави дека е „длабоко потресен од трагичната смрт на државен службеник…чии квалитети, чувство за должност и посветеност кон институциите ги ценел многу“.
Де Џенаро беше началник на италијанската полиција од 2000 до 2007 година. Еден од највлијателните италијански безбедносни службеници во изминатите децении беше пронајден мртов во својата куќа на село, откако членовите на неговото семејство ги известија властите бидејќи не можеа да го контактираат, објавија медиумите.
Водечките италијански медиуми, вклучувајќи ги весниците „Република“ и „Кориере дела Сера“ и новинската агенција АНСА, објавија дека си го одзел животот со огнено оружје.
Пред помалку од една недела, обвинителите во Калтанисета, Сицилија, го спомнаа Де Џенаро во истрага за наводни обиди за попречување на истрагата за мафијашкиот бомбашки напад во Палермо, во кој беа убиени судијата Паоло Борселино и пет члена на неговата придружба.
Обвинителите побараа Де Џенаро да биде ставен во домашен притвор. Тој ги отфрли обвиненијата, а судот сè уште не донел одлука за тие наводи.
Тој бил една од клучните фигури во борбата на Италија против организираниот криминал. Во текот на 1980-тите, тесно соработувал со судијата Џовани Фалконе во историските истраги против мафијата. Тој ја предводеше и Дирекцијата против мафијата (ДИА), седум години беше началник на националната полиција, а потоа ја презеде функцијата началник на одделот за координација на италијанските разузнавачки служби.
Post Views: 67
Извор : vesnik-ilinden.com
Поранешниот шеф на италијанската полиција Де Џенаро изврши самоубиство