Земјата, едноставно, е навикната на релативно благи зими, но климатските промени изгледа почнаа да ги прават летата сè потопли, а зимите сè постудени. Стигнуваа вести дека некои од оние што беа заглавени низ земјата, на отворено, ги оставаа автомобилите и засолниште наоѓаа до најблискиот паб во најблиското село. „И каде си досега? Значи се загрижив, уште малку ќе почнев по полиција и по болници да вртам, да не те срамам и да те барам по колеги и пријател(к)и од работа. Што е ова, сега ли се доаѓа дома, па навистина ептен се загрижив, да не беше толку ладно, на сред улица ќе те чекав, а богами и пеш ќе тргнев накај работа…“ Вака завчера беше пречекан животниот партнер, мојот сопатник со акцент на патник, кој повеќе од два часа доцнеше од работа да си дојде дома. За оние што веднаш ќе кажат – па, зошто служат мобилните, прво да појаснам дека на работа оди со автомобил.
И второ, уште поважно, нека го прашаат Бранко што му се случи кога го фати полицаец како телефонира додека вози. Ќе му простеа некако тогаш за немањето англиска возачка, со оглед на тоа што имаше македонска, меѓународна и повеќедецениско искуство од возење низ половина свет и на најразлични терени. И ќе поминеше можеби само со казна. Ама за возење и со мобилен на уво, ама не мора ни на уво, само да ви е тука при рака, се оди на муабет кај судија и се добива одземање возачка на определено време (ако ја имате) и еден куп негативни поени. И голема парична казна. И досие во сообраќајна полиција. Така што од безбедносни и од финансиски причини, јасно е зошто комуникацијата по телефон не беше можна. Ама сè уште не ми беше јасно, како тоа патот од 40 минути да трае повеќе од два часа?
Е, па, пет на час. Возев, се изнавозев. Лазевме, еден по друг, никој не се осмелуваше да забрза или, не дај боже, да претекне, сите во колона. Пешаците беа побрзи. Луди велосипедисти престигнуваа автомобили. И два часа подоцна, еве ме – беше одговорот! Се изгушкавме, како од печалба да се вратил, и ми дојде срцето на место.Снегот и минусните температури што ја зафатија земјата, посебно Лондон, ги парализираа лондончани, лондончанки и ги израдуваа малите лондончанчиња на кои им ги затворија училиштата, па останаа дома. Низ земјата, сибирските температури со многу снег и мраз, кои доаѓаат секои шест-седум години, создадоа многу проблеми и парализиран сообраќај.
Имаше многу несреќи, повеќето сообраќајни и една трагедија, кога мразот попушти под деца што си играа на замрзнато езеро. Земјата, едноставно, е навикната на релативно благи зими, но климатските промени изгледа почнаа да ги прават летата се потопли, а зимите се постудени. Стигнуваа вести дека некои од оние што беа заглавени низ земјата, на отворено, ги оставаа автомобилите и засолниште наоѓаа до најблискиот паб во најблиското село, каде што покрај оган во каминот и со печени колбаси и загреано пиво евоцираа спомени на старите добри времиња.А, да се евоцираат спомени ќе има многу прилики, зашто земјата е зафатена со штрајкови, меѓу кои и оние на транспортните работници, па неизвесно е дали луѓето кои традиционално патуваат за Божиќ кај семејствата, ќе стигнат каде што сакаат. Згора на сè, десетте сантиметри снег, плус маглата, затворија неколку аеродроми низ земјата и одложија летови, дува ветер преку Ла Манш, па изгледа многумина ќе останат во британска куќа.
Минатиот пат пишував за мобингот кој е актуелен во земјата и поради кој и највисоките функционери се или под истрага или поднесуваат оставки, кога сосема случајно вниманието ми го привлече текстот за една од првите жртви. Соња Кан, во август 2019 година, префрлена да седи и да работи од малото сопче, поранешен машки тоалет, ѝ беше наредено „да си ги собере пљачките“ и да си оди. Без објаснување, стручната соработничка во владата на Борис Џонсон, пред очите на сите, беше испратена од полицаец од обезбедувањето, кој, вели таа, изгледал пошокиран од неа.Така Доминик Камингс, сивата еминенција на Џонсон се справуваше со оние што не му се допаѓаа и испраќаше порака до другите – молчи и наведни ја главата да не те снајде истото. На Соња никогаш не ѝ беше кажано зошто е отпуштена. Дозна нешто од гласини, дека наводно кажувала каде што не треба за плановите на Камингс, ама тоа никогаш не беше ниту кажано ниту докажано. Во секој случај, Соња реши да не седи со скрстени раце и тужеше. И, нормално, го доби процесот и доби отштета. Во висина од шест цифри.

И така, позитивното чувство дека англиската фудбалска репрезентација ќе направи нешто „да го врати фудбалот“ дома, кое беше живо и здраво до минатата недела, исчезна. Ни останува сега само студ и штрајкови, изјави популарната новинарка Лора Кунсберг на Би-би-си во нејзината редовна емисија, сецирајќи ги министрите и синдикалците и за малку откажувајќи се од традиционалната корпорациска непристрасност кога беа во прашање медицинските сестри. Тие, инаку, најавија штрајк поради очајно ниските плати. Излегувавме ние секој четврток во седум за време на пандемијата да тропаме со тенџериња и капаци и да им аплаудираме во знак да поддршка, и рекоа дека ја ценат поддршката.
Дури и БоЏо излезе и аплаудираше и кажа како му го спасиле животот. Ама медицинските сестра и брат кои го негуваа Џонсон си заминаа, а оние што останаа бараат повисоки плати или ќе штрајкуваат. Со нив и брзата помош. И поштарите, пожарникарите, разни владини агенции и административци (за Соња, единствена добра работа што сега не е во Министерството за финансии) и делови од јавниот превоз. Речиси цел декември. Весниците објавија календари, да знаеме кој ден кој, што, колку, зошто и каде штрајкува.Единствено задоволен од тоа што Англија загуби, а Хари Кејн промаши пенал, деновиве е колегата Џајлс, кој го реновираше станот и кому му работеа мајстори од Бразил. Супер дечки, вели Џајлс, десетмина супер работници, весели и зборлести и треба да ја завршат работата до Божиќ. Тие беа, вели тој, последните недели посебно добро расположени благодарение на Светското фудбалско првенство. И потоа, минатиот петок, сите заминаа, рекоа „морално е“, се играло со Хрватска, ветија ќе надоместат со дупла смена. Во саботата се појавија само двајца, уста не отворија и заминаа порано.
Мислиш ќе се вратат некогаш? – го праша со тих глас Естер, неговата сопруга, додека ги редеше знамињата низ собата подготвувајќи ја атмосферата за натпреварот Англија – Франција. Веројатно не, рече Џајлс, фудбалот им е многу важен на овие момчиња. Можеби ќе треба да се навикнеме на живот со дупка во кујната. Следниот ден почна да врне снег. На вакво време ниту се вози (пет на саат, се сеќавате?) ниту мајстори доаѓаат. Кога, ете ги на врата – весели, расположени, насмеани. Имавме лоши 24 часа, му рече главниот мајстор на Џајлс. Ама потоа Англија загуби и сите сме весели и ајде сега да ја завршиме работата!