Почетна ЕкономијаПоевтини горива од следната недела, Владата најавува ребаланс на буџетот

Поевтини горива од следната недела, Владата најавува ребаланс на буџетот

од nenad
2 минути читај за

Фото: https://pixabay.com/photos/fuel-gas-station-refueling-gas-6999638/

04/10/2026 7:14
ВЕСТИ, ФИНАНСИИ



Цените на дизелот и бензинот би можеле да се намалат уште од следната недела, најави премиерот Христијан Мицкоски. Според него, во тек се разговори и со „Окта“ за обезбедување дополнителен попуст за горивата.





Мицкоски посочи дека Северна Македонија и натаму има меѓу најниските цени на горивата во регионот. Намалувањето на цените, сепак, има директно влијание и врз државниот буџет. Како што информираше премиерот, поради пониските приходи од акцизата и примената на намалената стапка на ДДВ за горивата, во буџетот се очекува приливот да биде понизок за околу 7 до 8 милијарди денари.





Токму поради тоа, Владата во текот на овој месец очекува да пристапи кон ребаланс на буџетот.









Говорејќи за енергетската состојба, Мицкоски уверува дека институциите се подготвуваат за претстојната сезона и дека се преземаат мерки за навремено обезбедување на потребните ресурси.





Во тек се завршните активности поврзани со ремонтите на термоенергетските капацитети во Битола и Кичево. Целта, според премиерот, е РЕК Битола и Осломеј да бидат подготвени да одговорат на евентуалните предизвици во текот на зимата.





Позитивна е и состојбата со хидропотенцијалот, кој, според оценката на премиерот, во моментов е на задоволително ниво.





Во меѓувреме, се разгледува и можноста за промена на периодот во кој се применува евтината дневна тарифа за електрична енергија. Најавите се дека евтината тарифа би можела да биде скратена во ноќниот период, а продолжена во текот на денот.





Од Владата оценуваат дека ваквата промена би можела да биде корисна, но конечната одлука е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика.