Брза и координирана акција на спасувачките служби денеска овозможила извлекување на повредено лице од непристапен дел на Пелистер.
Несреќата била пријавена преку 112 во 12:04 часот, откако лицето било пронајдено над Мало Езеро, во близина на антените. Според информациите од ЦУК, повредениот имал скршеници на двете потколеници и крварење, но бил при свест.
Веднаш биле известени Итната медицинска помош, СВР Битола, ДЗС, битолската противпожарна единица и Националниот парк „Пелистер“.
Поради непристапноста на теренот била разгледана и можност за воздушна поддршка. Сепак, спасувачите од ДЗС Битола успеале да стигнат до повредениот и со теренско возило да започнат со негово извлекување.
Околу 13:45 часот, екипите на ДЗС и Националниот парк се сретнале кај Ловечката куќа. Таму лекар од Итната медицинска помош му пружил прва медицинска помош.
Потоа повредениот бил насочен кон Инфоцентарот на Пелистер, каде што требало да биде преземен од медицинска екипа и транспортиран во Клиничката болница во Битола.
Целиот настан бил координиран преку Центарот за управување со кризи, во соработка со сите надлежни служби.