Стопанската комора на Северна Македонија, во својство на врска помеѓу претпријатијата, како примарни генератори на потребите за вештини, и државните институции, кои обезбедуваат податоци за прогнозирање на идните потреби, креираше методологија за унапредување на компетенциите на вработените, фокусирана на работните средини и инспирирана од швајцарските достигнувања.
Оваа методологија почива на „GO Model“, разработен од Швајцарската федерација за образование на возрасните (СВЕБ), кој успешно се применува повеќе од две децении во Швајцарија, како и во други земји на европскиот и африканскиот континент.
Според информациите од Стопанската комора, методологијата предвидува детален преглед на работните обврски за одредени позиции, нивно преведување во неопходни знаења и клучни способности за целосно разбирање на барањата на работното место. Покрај тоа, таа овозможува идентификување на нови вештини кои ќе бидат од значење за истите позиции во иднина.
„Оваа методологија има за цел да поттикне култура на учење и развој преку систематски пристап кој ги поврзува индивидуалните и организациските капацитети за градење релевантни вештини кои одговараат на современите трендови, технички и технолошки аспекти кои влијаат врз трансформацијата на едно работно место.“
Дополнително, моделот го олеснува утврдувањето на актуелните и очекуваните потреби за вештини на работните места, што претставува јасен показател за креаторите на политики при справувањето со празнините на пазарот на трудот, како што појаснуваат од Комората.
За презентација на методологијата беше организирана работилница со учество на менаџмент претставници од компаниите и раководители на човечки ресурси. Со цел подобро разбирање на процесите и фазите, во соработка со две компании вклучени во имплементацијата на дуалното образование, беше спроведено и пилотирање на методологијата кај работодавците. Ова овозможи директно запознавање со начинот на примена преку работа на конкретни студии на случај за одредени работни позиции во самите компании.
Своите импресии од пилот-фазата на методологијата ги споделија и претставници од секторите за развој на човечки ресурси од водечките членки на Комората.
лв/са/Фото: Стопанска комора на Северна Македонија