Кинеските власти денес стопираа речиси 700 авионски линии и ги затворија сите паркови, како и голем број историски локалитети во Пекинг, поради интензивни ветрови и песочни бури.
Двата најголеми меѓународни аеродроми – Пекинг Капитал и Дасин – откажаа вкупно 693 лета.
Бурите, проследени со ветрови со брзина од над 140 км/час, соборија стотици дрвја, предизвикаа штети на возила и одредени стари градби во кинеската метропола.
Паралелно со ова, беа издадени известувања за понатамошно влошување на метеоролошките прилики, особено во северните и приморските области. Ветровите во некои предели достигнаа највисока моќ во последните 75 години.
Меѓу објектите кои беа затворени во Пекинг е и тематскиот парк „Universal Studios“, како и историските атракции Забранетиот град, Летниот дворец и Храмот на Небото. Откажани се и спортски и други настани на отворено.
Песочните бури се вообичаена појава во сушниот северен дел на Кина, каде што лежат пустините Гоби и Такламакан, но и покрај децениските напори за нивно спречување, тие сѐ уште претставуваат значајна опасност, посебно за густо населените региони како Пекинг.
ссм/фото: ЕПА