Регионот како целина треба да се интегрира во Европската Унија без натамошно одложување, заклучија на денешната средба претседателката Гордана-Сиљановска Давкова и министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во официјална посета, соошти Кабинетот на претседателката.
Сиљановска-Давкова на средбата го поздрави напредокот на Албанија во пристапниот процес, укажувајќи дека во актуелниот геополитички контекст, напредокот на секоја земја има позитивен ефект врз регионалната евроинтеграциска динамика.
Претседателката потсети дека по 20 години кандидатски статус македонскиот пристапен процес станува исцрпувачки маратон, со постојано одложување на целта.
Албанската министерка искажа силна поддршка за македонските евроинтеграции и уверување дека земјите од Западниот Балкан споделуваат идентични цели и вредности и треба заеднички да чекорат кон европското семејство.
Сиљановска Давкова и Спиропали се согласија дека регионалната соработка е клучна за стабилноста, добрососедските односи и инфраструктурното поврзување, а особено за реформски процеси неопходни за членството во ЕУ.
На средбата беше констатирано дека во трилатералниот меморандум потпишан меѓу нас, Бугарија и Албанија се препознава јасно дефинирана временска рамка и динамика за реализирање на активностите врзани за Коридорот 8.
-Воспоставувањето на систем со едно застанување „One Stop Shop“ на сите гранични премини меѓу двете земји, сметаат дека ќе придонесе за брза заедничка контрола и јакнење на меѓусебната соработка, се вели во соопштението.
Тие укажаа на потребата од засилена економска соработка и се заложиле за продолжување на одличната соработка во НАТО. Потенцираа и дека почитувањето на правата на малцинските заедници е додадена вредност за пријателските македонско-албански односи.
Фото: Кабинет на претседател