Почетна ЕкономијаПарис Џексон ја доби правната битка за имотот на Мајкл Џексон

Парис Џексон ја доби правната битка за имотот на Мајкл Џексон

од nenad
2 минути читај за

Парис Џексон, ќерката на покојниот поп-музичар Мајкл Џексон, ја доби правната битка за неговиот имот. Судот пресуди во нејзина корист во спорот околу исплатите на бонуси и наложи враќање на 625.000 долари во фондот за имот.

Кога Мајкл Џексон, на 50-годишна возраст, почина во јуни 2009 година, тој остави зад себе огромно наследство, но и милионски долгови… Имотот го управуваа извршителите Џон Бранка и Џон Меклејн, под чие водство вредноста на имотот драматично се зголеми, потсетува порталот „Индекс“. Спорот настанал кога Парис Џексон поднесе тужба за бонуси во износ од околу 625.000 долари, што им биле исплатени на адвокатски фирми. Според судските документи, судијата пресуди дека парите мора да се вратат во имотот.

Судот беше експлицитен во врска со враќањето на средствата. Пресудата, исто така, наложува адвокатите на извршителите да не добиваат никакви неовластени бонуси.

„Извршителите не смеат да вршат никакви авансни исплати на бонуси на адвокати без писмена согласност од сите наследници или судска наредба… Приговорот на г-ѓа Џексон на бонус исплатата од 625.000 долари во втората половина од 2018 година е одобрен. Овие бонус исплати не биле овластени, туку забранети. Парите мора да се вратат во имотот“, според документите што ги пренесува „Ју-Ес викли (US Weekly)“.

Сепак, на извршителите им e дозволено да побараат дозвола за вршење такви исплати.

„Извршителите се овластени да поднесат барање за упатства доколку се појават околности во коишто веруваат дека е оправдано отстапување од оваа одредба“, одлучи Судот.

И покрај спорот околу бонусите, Судот во документите од 13 мај ги пофали извршителите за нивното успешно управување со имотот.

„Треба да се напомене уште на почетокот дека овој имот, што беше на работ на пропаст во времето на смртта на Мајкл Џексон во јуни 2009 година, стана финансиска сила каква што е денес под стручно водство на извршителите“, нагласи Судот. Во текот на изминатите 17 години, извршителите и нивните адвокати обезбедија исклучителна услуга за имотот, а со тоа и за наследниците. Извршителите, како што рече Џон Бранка, создадоа вистинско и значајно генерациско богатство за наследниците“, се наведува во документите.

Претставник на извршителите за „ТМЗ (TMZ)“ истакна:

– Задоволни сме што самиот суд ја призна и ја пофали работата на извршителите и нивните надворешни правни советници.

Сепак, тој додаде дека тие „не се согласуваат со одредени одлуки“ на судијата.

– Иако Судот претходно им доделил други бонуси на надворешни правни советници за исклучителни услуги и ова е првпат да се поднесе приговор, извршителите отсекогаш сметале дека правните трошоци се предмет на одобрување од Судот. Секогаш сме барале од надворешните адвокати да се согласат да ги вратат средствата на имотот доколку плаќањата не бидат одобрени. Иако не се согласуваме со одлуката, целосно ја почитуваме и ќе се придржуваме кон неа, изјави гласноговорникот. си/сд/
Извор: МИА