Во Париз денеска се одржа средба меѓу претставници на Европската Унија и Соединетите Американски Држави, со цел да се дискутира за трговски договор.
Главниот трговски преговарач на ЕУ, Марош Шефчовиќ, се состана со американскиот трговски застапник Џејмисон Грир на маргините на состанокот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во Париз.
“Напредуваме во вистинска насока и со вистинско темпо и остануваме во близок контакт за да го задржиме моментумот”, напиша Шефчовиќ на платформата Икс, споделувајќи фотографија од ракувањето со Грир.
Преговорите се случуваат во пресрет на истекот на 90-дневниот период на суспензија што САД го одобрија пред да воведат таканаречени “‘реципрочни’” давачки, предвидени за 9 јули. Европа веќе даде до знаење дека е спремна да одговори доколку царините бидат насочени кон неа.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп и се закани на ЕУ со царини од 50 отсто, обвинувајќи ја за неправедни преговори. Трамп редовно го изразува своето незадоволство од трговскиот дефицит на САД со ЕУ, кој во 2024 година, според американското Министерство за трговија, достигна рекордни 161 милијарда долари. Тој ја обвинува ЕУ за неправедни трговски практики, често истакнувајќи ја европската царина од 10 отсто на увезените автомобили. Американските царини за автомобили беа 2,5 отсто пред Трамп да ги зголеми на 25 отсто во април. ЕУ, од друга страна, тврди дека купувањето американски услуги, особено во технолошкиот сектор, речиси го неутрализира овој дефицит.
Минатата недела, Трамп објави удвојување на царините на челик и алуминиум на 50%, мерка што стапи во сила денеска, дополнително усложнувајќи ги преговорите меѓу Брисел и Вашингтон. ЕУ во понеделникот објави дека подготвува “контрамерки” против САД. ЕУ им понуди на Американците договор за “нула за нула” царини, со што би се укинале царините за индустриските производи, вклучително и автомобилите. Трамп ја отфрли оваа идеја, но официјални лица на ЕУ велат дека таа останува “на маса”.
“Имаме уште неколку недели за овие разговори и преговори”, изјави францускиот министер за трговија во Париз пред состанокот на ОЕЦД. Тој додаде: “Ако преговорите не успеат, Европа е способна да воведе контрамерки за американските производи и услуги”.
ссм/фото: принтскрин .