Почетна ТехнологијаОсврт кон култниот филм Only Lovers Left Alive во режија на Jim Jarmusch, со Tilda Swinton во главната улога.

Осврт кон култниот филм Only Lovers Left Alive во режија на Jim Jarmusch, со Tilda Swinton во главната улога.

од nenad
3 минути читај за
 Текстот е објавен на веб-порталот Трн.мк.

„Only Lovers Left Alive“ е еден од најистакнатите филмови на независниот американски филмаџија Џим Џармуш. Оваа вампирска драма, која ги спојува елементите на романтика, мистерија и музика, нуди естетски префинет поглед на вечната љубов и егзистенцијалната криза. Филмот е своевиден кинематографски еликсир, симболичен приказ кој повикува на созерцание за времето, уметноста и потрагата по смисла. Преку своите протагонисти Адам и Ева, Џармуш го истражува парадоксот на бесмртноста како благослов и проклетство, поставувајќи го човекот помеѓу бесконечноста и кревкоста на земното постоење.

Филмот ја следи приказната за двајцата вампири, Адам (Том Хидлстон) и Ева (Тилда Свинтон), кои се љубовници со векови. Адам е депресивен музичар кој живее во Детроит, опседнат со чувството на безнадежност поради состојбата на светот. Ева е неговата духовна и емотивна поддршка. Нивниот однос се соочува со предизвици кога сестрата на Ева, Ава (Миа Васиковска), пристигнува и предизвикува турбуленции во нивните односи. Тилда Свинтон и Том Хидлстон ги оживуваат своите улоги со извонредна харизма. Нивната хемија е очигледна и тие совршено ги пренесуваат сложените емоции на бесмртни љубовници кои се борат со досадата и празнината. Миа Васиковска додава енергија и непредвидливост со својата улога како Ава, додека Џон Харт е одличен како прочуениот, мистериозен драмски автор Кристофер Марлоу.

Во филмот, вампиризмот не е претставен како ужас или грев, туку како метафора за креативната елита, за оние кои живеат на рабовите на општеството, вечни набљудувачи на историските и културолошки падови и подеми. Тие се хроничари на човечката историја, носители на знаење што надминува генерации, но истовремено се зависници од животната енергија – крвта, која тука се појавува како симбол на суштината на животот. Бесмртноста на Адам и Ева е дар, но пред се и товар. Тие се сведоци на пропаста на луѓето и уметноста, но и на тоа како светот постепено ја губи својата магија.

Пејзажите на Детроит и Тангер ги рефлектираат состојбите на духот на протагонистите. Детроит е руина на современата цивилизација, град кој умира, но истовремено е и извор на инспирација и креативност. Тангер, со својот ориентален мистицизам е светилиште, место каде што времето е замрзнато. Режијата на Џармуш е стилска и суптилна, создавајќи меланхолична и хипнотична атмосфера. Визуелниот стил на филмот е извонреден, со прекрасна кинематографија која ги користи светлото и сенките за да ја нагласи мистериозната и тивка природа на вампирите. Сцените се исполнети со симболика и уметничка естетика, што само и додава на длабочината на филмот.

Музиката е централна компонента на „Only Lovers Left Alive“, со саундтракот компониран од Џозеф Ван Висем кој минатата година приреди прекрасен настап во Кинотеката на Македонија. Музиката совршено ја дополнува меланхоличната и замислена атмосфера на филмот, создавајќи аудитивно искуство кое е исто толку важно колку и визуелното.

„Only Lovers Left Alive“ е поетичен и рефлективен филм кој успева да ја пренесе меланхолијата и убавината на бесмртната љубов. Со извонредни актерски изведби, особено на Тилда Свинтон и Том Хидлстон, со истакната визуелна и музичка естетика, тој претставува медитативно патување низ суштинските прашања за постоењето, креативноста и времето. Џармуш создава филм кој пред се се чувствува, како еликсир што ги отвора вратите на перцепцијата. Ова е филм за оние кои бараат нешто повеќе од типична вампирска приказна – деликатно истражување на човечките емоции и креативниот дух.