Министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди, објави дека е стопирана шестата серија разговори помеѓу Соединетите Американски Држави и Иран во врска со нивната нуклеарна програма, кои требаше да се случат утре во Оман.
„Преговорите меѓу Иран и САД, закажани за во Мускат в недела, сега нема да се одржат“, напиша Албусаиди на платформата Икс, додавајќи: „Но, дипломатијата и дијалогот остануваат единствениот пат до траен мир“.
Овие разговори, во кои Оман ја имаше улогата на посредник, беа засегнати од израелските напади врз иранските нуклеарни инсталации.
Претходно во текот на денот, Министерството за надворешни работи на Иран изјави дека учеството во нуклеарни преговори со САД е „бесмислено“ додека Израел продолжува со напади врз Иран.
„Очигледно е дека во вакви околности, додека ционистичкиот режим врши агресија врз иранскиот народ, нема логика да се разговара со страна која е најголем поддржувач и соучесник на агресорот“, изјави портпаролот Есмаил Бакеи.
Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, потенцираше дека „нема оправдување“ за продолжување на индиректните преговори сè додека трае „варварското однесување“ на Израел.