Почетна ВестиОливер Спасовски за управување со миграциите: Потребна е реформа на нашиот ум, не само на законодавството!

Оливер Спасовски за управување со миграциите: Потребна е реформа на нашиот ум, не само на законодавството!

од nenad
5 минути читај за

На денешната дванаесетта сесија на Националната конвенција за
Европската Унија во Северна Македонија на Работната група 4 – Правда, слобода
и безбедност (Поглавје 24) на тема „Северна Македонија и Западен Балкан низ
призмата на новата политика на ЕУ за миграции и азил“, во организација на
Европското движење, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски,
порача дека за успешно управување со миграцијата и азилот потребно е заедно
со земјите од Западен Балкан да ги реформираме капацитетите и
законодавството, но дека пред се, е потребна реформа на нашиот ум, бидејќи
многу работи зависат само од нас.

   

Тој посочи дека Македонија е подложна на регуларни и нерегуларни
миграции со оглед на нејзината географска местоположба и токму затоа мора да
останеме посветени на промена на пристапот кон успешно управување со рутите
низ Западен Балкан предизвикани од големата бегалска криза која почна во 2015
година и која ни донесе над 800.000 мигранти, како и конфликтот што го
предизвикаа Русија и економските притисоци и несигурноста.

Извештаите на Европската комисија потврдуваат дека националното
законодавство во оваа област е значително усогласено со стандардите на ЕУ, но
и дека постои потреба од зголемени напори за имплементација, и во некои
аспекти, усогласување на легислативата.

„И покрај сите напори на државата, миграцијата не може да се запре, туку
само да се обликува. Ниту кај нас, ниту во Европа оваа криза не може да се реши,
туку таа треба да се запре во земјите од кои произлегуваат конфликтите.
Европската комисија претстави нов акциски план за Западен Балкан за враќање
на мигрантите од земјите во регионот во земјите на потекло што предвидува 20
мерки како гранично обезбедување, брзи процедури за азил, реадмисија и слично,
односно со унифициран и сеопфатен пристап, кој ја претставува новата
архитектура за справување со безбедносните прашања поврзани со миграциите и
азилот за цела Европа“, изјави министерот Спасовски, додавајќи дека
„справувањето со нелегалната миграција е феномен што ќе трае и понатаму како
еден од главните безбедносни предизвици“.

Според Спасовски, клучни точки за влез на мигрантите во нашата држава е
јужната граница, од каде само минатата година се спречени околу 6.000
нелегални обиди. Тој, исто така, најави дека е потребно да се посветиме на
создавање услови за имплементација на новата миграциска политика на ЕУ
претставена со подготовката на Пакт за миграции и азил, бидејќи во оваа област
ќе бидат донесени нови директиви на ЕУ, чија имплементација ќе биде еден од
критериумите за придружување во ЕУ.

Меѓу бројните експерти од областа на безбедноста и справувањето со
проблемите предизвикани од миграциите, универзитетски професори,
преставници на граѓанскиот сектор, на меѓународни организации, на МВР и
членови на Европското движење, за мигрантските пашања дискутираше и
шпанскиот амбасадор, Хозе Луис Лозано Гарсиа, кој рече дека Шпанија како
актуелен претседавач со ЕУ, е сериозно посветена на оваа тема.

„За Шпанија миграциите не се изненадувачки, туку веќе одредено време се
третираат како приоритетно прашање“, рече тој.

Според него, за да се дојде до решение добро за сите, секоја држава и
институција ќе треба да биде подготвена на компромис, за да се постигне баланс
и флексибилност меѓу солидарноста и одговорноста. За Шпанија најважно е да се
инвестира во превентивни мерки и да се осигура дека политичкиот и техничкиот
дел се усогласени.

„Превентивниот пристап е есенцијален за управување со транзицијата на
мигрантите. Државите членки на ЕУ се свесни за тоа дека земјите од Западниот
Балкан поради географската положба играат клучна улога во справувањето со
мигрантските предизвици“, изјави шпанскиот амбасадор.

Претседателот на Европското движење во Италија, Пјер Вирџилио Дастоли,
инаку советник на Европската комисија и политички советник на групата Спинели,
како и поранешен директор на претставништвото на Европската комисија во
Италија во соето онлајн обраќање ги посочи новите иницијативи на Италија во
однос на миграциската криза. Тој изрази надеж дека ЕУ ќе подготви нови
предлози за справување со кризата, затоа што иако се чини дека таа веќе не е
толку итна како во минатото, сепак е долгорочен проблем што треба да се реши.
„Италија целосно го поддржува создавањето солидарност меѓу државите и
сметам дека е важно да се воочи разликата меѓу економски и обични мигранти,
кои поминуваат со и без документи“, рече Дастоли и додаде дека во однос на
мигрантските политики, јасно е дека Македонија се издвојува од другите земји-
кандидатки поради нејзините стандарди и правила што се поклопуваат со оние на
Европа.

Снежана Трајановска, директорка на Регионалниот центар на МАРРИ,
нагласи дека темата е избрана во најдобро време, и објасни дека МАРРИ
воспостави соработка со релевантните регионални механизми, како и со
меѓународните организации кои сите заедно имаат за цел да се спроведуваат
синхронизирани активности на полето на миграциите и азилот. Трајановска го
најави нивниот ангажман во проектот посветен на зајакнување на борбата против
криумчарење на луѓе, проект кој ќе се занимава со оваа област.

Според неа, активностите на овој центар можат значително да им помогнат
на земјите во регионот да ги зајакнат и да ги активираат политиките за миграции и

азил на Унијата, и иако ова не може да биде конечно решение, сепак не треба да
се обесхрабруваме, туку да се посветиме на зајакнувањето на капацитетите во
сите институции кадешто е потребно тоа.

На сесијата, меѓу другото, беа дискутирани прашањата за јакнење на
граничното управување кадешто се рутите, прашањата за процедурите за азил и
поддршка, илегалната миграција и борба против криумчарење мигранти,
реадмисија, процесите поврзани со економската миграција во земјава,
емиграцијата на значителен дел од населението и други прашања.
Координаторката на Националната конвенција за ЕУ (НКЕУ-МК), инаку
универзитетска професорка, и претседателка на Европско движење во РСМ,
Милева Ѓуровска, заклучи дека оваа, како и претходните 56 одржани дебати за
теми поврзани со процесот на европската интеграција, во значителна мера
придонесуваат за успешна подготовка на капацитетите на Македонија за
претстојниот процес на преговори со ЕУ.

Според неа, Република Северна Македонија и другите држави од
Западниот Балкан соочувајќи се со големи мигрантски бранови во текот на
минатата декада, но и претходно, покажаа подготвеност за усогласување на
активностите и градење заеднички пристап во справувањето со миграциите.
Големите мигрантски бранови ја потврдија потребата за координиран пристап и
континуирана соработка на сите европски држави. Интегрирањето на државите од
западниот Балкан во безбедносната архитектура е особено значајно со оглед на
фактот дека низ т.н. балканска рута до скоро минуваа стотици илјади мигранти, а
денес се уште минуваат на илегален начин илјадници мигранти чија дестинација е
Европа.
„Денешната конкретна тема за мигрантските прашања е дел од
фундаменталните прашања од првиот кластер, кој е темел на преговарачката
рамка, бидејќи од него ќе зависи текот на преговорите за пет важни поглавја врз
кои се базираат европските вредности“, заклучи Ѓуровска.
Инаку, на дебатата посветена на мигрантските прашања експертите
предложија и десетина препораки, меѓу кои релевантните институции
континуирано да ја следат визната политика на ЕУ и новитетите во оваа област и
да посветат поголемо внимание на нивната имплементација во националната
визна политика„.

Експертите, исто така, препорачаа голема национална дебата за градење
соодветни јавни политики за подобрување на циркуларната (трудова) миграција и
олеснување на повратната миграција.