Почетна Убавина и здравјеОлеснување на одвикнување од пушење тутун со никотин-заместителна терапија

Олеснување на одвикнување од пушење тутун со никотин-заместителна терапија

од nenad
5 минути читај за

Употребата на тутун и тутунски производи и понатаму претставува една од водечките причини за хронични и малигни заболувања како и смрт на глобално ниво. Според податоците на Светската здравствена организација, тутунот е одговорен за повеќе од 8 милиони смртни случаи годишно. И покрај тоа, околу 1,25 милијарди луѓе во светот и понатаму активно користат тутунски производи.

Чадот од цигарата содржи повеќе од 4.000 хемиски соединенија, од кои значаен број се токсични, а десетици се канцерогени. При согорувањето на тутунот се создаваат бројни штетни материи, меѓу кои јаглероден моноксид и катран, кои се поврзуваат со зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), карцином на белите дробови, срцев и мозочен удар.

Историјата на употребата на тутунот во Европа започнува во XVI век, кога тутунот бил донесен од Америка. Првично се користел со различни медицински намени, но со текот на времето неговата употреба прераснала во широко распространета зависност. Денес светот се соочува со сериозна тутунска епидемија, која сè повеќе ја засега и младата популација.

Никотинската зависност е болест, а не само навика

Во основата на зависноста од тутун се наоѓа никотинот – психоактивна супстанција која делува на централниот нервен систем и создава силна зависност. Никотинската зависност се карактеризира со хроничен и релапсирачки тек, при што обидите за откажување често се проследени со повторно посегнување по цигара.

Токму затоа, откажувањето од пушење не треба да се гледа само како прашање на волја. Станува збор за процес во кој на пушачот му се потребни соодветна мотивација, професионална поддршка и, кај дел од лицата и фармаколошки третман.
Поддршката за откажување од употребата на тутун треба да биде составен дел од сеопфатната здравствена грижа на сите нивоа на здравствениот систем.

Особено значајна е примарната здравствена заштита, каде што секој пушач треба да има можност да добие навремени информации, проценка на зависноста и индивидуализирана поддршка во процесот на откажување.

Научно заснован пристап кон откажувањето

Светската здравствена организација препорачува примена на научно засновани интервенции за откажување од тутун кај возрасни корисници. Тие вклучуваат бихејвиорална поддршка и, кога е потребно, фармаколошки третман.
Овој пристап е вграден и во националните препораки за откажување од употребата на тутун и тутунски производи. Секој мотивиран пушач кој сака да престане со пушење треба да има можност да добие третман прилагоден на неговите индивидуални потреби, здравствена состојба, степен на зависност и животни околности.

Здравствените работници имаат клучна улога во овој процес. Тие можат да направат проценка на зависноста, да помогнат во поставувањето реална цел за откажување, да изготват индивидуален план и, доколку е индицирано, да препорачаат фармаколошка терапија. Изборот на терапијата и нејзиното дозирање треба да бидат индивидуализирани и да се определат согласно потребите на пациентот и стручните препораки.

Никотин-заместителната терапија – помош на патот кон непушењето

Една од фармаколошките можности за третман на никотинската зависност е никотин-заместителната терапија (НЗТ). Таа обезбедува контролирана количина никотин, без изложеноста на штетните материи што се создаваат при согорувањето на тутунот.

Целта на НЗТ е да ги ублажи симптомите на никотинска апстиненција и интензивниот копнеж по цигара, со што на пушачот му се олеснува процесот на престанување со пушење. Намалувањето на овие симптоми може да биде особено значајно во првите недели од откажувањето, кога ризикот од повторно посегнување по цигара е поголем.
Никотин-заместителната терапија е достапна во различни фармацевтски форми.


Поврзани објави

Долгодејствувачките форми, како никотинските лепенки, обезбедуваат постепено и континуирано ослободување на никотин. Краткодејствувачките форми, како никотинските гуми за џвакање и таблетите/пастилите, можат да се користат за дополнително ублажување на акутниот копнеж и апстиненцијалните симптоми.
На овој начин, со соодветен избор на форма и доза, здравствениот работник може да понуди индивидуализирана поддршка на пушачот во најкритичните фази од процесот на откажување.

Важна е стручната поддршка

Иако постојат различни фармаколошки опции за третман на никотинската зависност, нивната примена треба да биде дел од структуриран пристап кон откажувањето. Комбинацијата на бихејвиорална поддршка и соодветен фармаколошки третман може да му помогне на пушачот полесно да ги надмине тешкотиите поврзани со апстиненцијата и да ги зголеми шансите за успешно и долготрајно откажување.

Особено внимание треба да се посвети на младите, кај кои раното започнување со употреба на никотин може да создаде услови за развој на долготрајна зависност.

Во последните години електронските цигари и уредите за загревање тутун се промовираат како алтернативи на конвенционалните цигари. Сепак, фактот дека одреден производ може да изложува на помалку штетни материи од цигарите не значи дека е без ризик или дека не создава никотинска зависност.

Особено загрижувачка е нивната привлечност кај младите, меѓу другото и поради достапноста на различни ароми и начини на употреба.

Затоа, овие производи не треба да се перципираат како безбедни или безазлени производи, ниту како замена за професионално поддржан процес на откажување од пушење.

Одлуката да се престане е првиот чекор

Откажувањето од пушење е една од најважните одлуки што пушачот може да ги донесе за своето здравје. Но, за многу луѓе, самата одлука не е доволна. Потребни се соодветна поддршка, разбирање на зависноста и достапни, научно засновани методи за нејзино надминување.

Здравствените работници се во најдобра позиција да помогнат во препознавањето и третманот на никотинската зависност. Со бихејвиорална поддршка и, кога е соодветно, фармаколошки третман, вклучително и никотин-заместителна терапија во соодветна форма и доза, пушачот може да добие реална и професионална поддршка на патот кон живот без тутун.

Да се престане со пушење не е само откажување од цигара. Тоа е чекор кон подобро здравје, подобар квалитет на живот и подолг живот без тутун.

Текст: Д-р Елизабета Прилепчанска

Фото: ПР