ОИЛКО КДА Скопје на 12 декември ќе одржи 22. Собрание на акционери на кое, меѓу другото, ќе се одлучува за пристапување на нов комплементар во друштвото, избор на член на Надзорниот одбор и измени на Договорот за командитно друштво со акции.
Според објавените предлог-одлуки, за нов комплементар е предложена Милица Јосифовска, која треба да им се приклучи на постојните комплементари Андреја Јосифовски и Саша Лекиќ.
Јосифовска, која досега поседувала 323 обични акции во ОИЛКО, треба да добие дополнителни 60 акции од Андреја Јосифовски. Со тоа нејзиниот вкупен пакет ќе изнесува 383 обични акции, со номинална вредност од по 6.000 денари. Овој удел претставува 0,152 проценти од основната главнина на друштвото, која изнесува 1,505 милијарди денари.
По преносот на акциите, уделот на Андреја Јосифовски ќе биде намален на 37.490 обични акции. Саша Лекиќ, според предложените измени на договорот, поседува 10.620 акции. Вкупно, тројцата комплементари ќе имаат 48.493 акции, односно 19,325 проценти од основната главнина.
За пристапувањето на Јосифовска веќе се обезбедени писмени согласности од постојните комплементари, како и од мнозинството командитори, кои претставуваат 76,19 проценти од вкупните влогови, односно акции на командиторите.
Со преземањето на својството комплементар, Јосифовска ќе ги добие правата и обврските што произлегуваат од таа функција. Предлог-одлуката предвидува таа да одговара неограничено и солидарно за обврските на друштвото со целиот свој имот, вклучително и за обврските настанати пред нејзиното пристапување, согласно законските одредби и договорот на друштвото.
На Собранието ќе се разгледува и избор на нов член на Надзорниот одбор со мандат од четири години. Името на предложениот кандидат во доставениот предлог-документ не е пополнето. За членот на Надзорниот одбор се предлага месечен паушал во нето-износ од 90.000 денари.
Една од поважните точки на дневниот ред се однесува и на измените и дополнувањата на Договорот за командитно друштво со акции на ОИЛКО. Со нив се предвидува усогласување на одредени одредби со Законот за трговските друштва, но и промена на начинот на кој комплементарите ги донесуваат одлуките и даваат согласност.
Според предложените измени, согласноста за одлуките ќе се дава со два гласа „за“, а во одредени случаи ќе биде доволна согласност од најмалку двајца комплементари, доколку со договорот не е поинаку утврдено. Ова е особено значајно со оглед на предложеното проширување на бројот на комплементари од двајца на тројца.
Измените предвидуваат и нови правила за евидентирање на акциите и уделите на комплементарите во акционерската книга, како и дополнителна улога на членовите на Надзорниот одбор при потврдувањето на пречистениот текст на договорот.
Одлуката за пристапување на новиот комплементар ќе почне да се применува откако ќе бидат извршени измените на договорот на друштвото и тие ќе бидат запишани во Централниот регистар. И предложените измени на договорот треба да добијат едногласна согласност од комплементарите.
22. Собрание на ОИЛКО КДА Скопје е закажано за 12 декември 2026 година, со почеток во 12 часот, во деловните простории на друштвото во Скопје.