Почетна ЕкономијаВелика Британија денес ќе ја признае Палестина

Велика Британија денес ќе ја признае Палестина

од nenad
2 минути читај за

Обединетото Кралство денес се очекува да ја признае палестинската државност и покрај притисокот од Соединетите Американски Држави и фамилиите на заложниците кои се заробени од страна на Хамас.

Британскиот премиер Кир Стармер уште во јули објави дека Велика Британија ќе ја признае Палестина во текот на септември, во случај ситуацијата во Газа да не покаже знаци на подобрување.

Би-Би-Си извести дека Стармер и неговите министри од кабинетот дошле до заклучок дека ситуацијата на теренот ескалирала во изминативе недели и дека ќе го соопштат признавањето на Палестина во недела попладне.

Со сегашната воена офанзива и хуманитарната катастрофа во Газа, каде што владеат безнадежност и глад, британската влада е загрижена од плановите за забрзување на градењето на израелски населби во Западниот Брег, што може да ги сруши сите надежи за решение со две држави.

Признавањето на Палестина претставува значаен пресврт во британската надворешна политика, имајќи предвид дека многу претходни влади тврдеа дека признавањето треба да биде дел од сеопфатен мировен договор. Актуелните британски министри изјавуваат дека имаат морална одговорност да дејствуваат со цел да ги одржат надежите за долгорочен мировен договор.

Најавеното признавање беше критикувано од водечките американски политичари, кои предупредија дека тоа ќе го зајакне Хамас и ќе ја загрози безбедноста на Израел. Републиканските лидери во Конгресот, меѓу кои и претседателката на Претставничкиот дом Елиз Стефаник и сенаторот Рик Скот, испратија писмо до Велика Британија, Франција, Канада, Австралија и други клучни држави кои го најавија признавањето на Палестина.

„Ова е непромислена политика што ги поткопува перспективите за мир“, напишаа Стефаник и Скот. „Тоа поставува опасен преседан дека насилството, а не дипломатијата, е најефикасното средство за терористичките групи како Хамас да ги постигнат своите политички цели“, додадоа тие.

За време на неговата државна посета на Велика Британија, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „не се согласува со премиерот“ за признавањето на Палестина.

Група фамилии на заложници земени во нападот на 7 октомври предупредија дека признанието може да ги попречи напорите за нивно ослободување. Во отворено писмо до Стармер, тие напишаа: „Вашето жално соопштение за намерата на Велика Британија да признае палестинска држава на Генералното собрание на Обединетите нации драматично ги комплицира напорите за враќање на нашите најблиски дома. Хамас веќе ја прослави оваа одлука како победа и го прекрши договорот за прекин на огнот. Ви пишуваме со едноставна молба – не го преземајте овој чекор додека нашите најблиски не се дома и во нашите раце“, напишаа тие.

Одлуката на Стармер беше критикувана и од британските опозициски конзервативци и од лидерот на Реформската партија, Најџел Фараж.
мс/фото: ЕПА .
Извор: МИА