Д-р Каран Раджан објаснува што е ендометриоза, кои се нејзините симптоми и зошто лекарите често не ја препознаваат.
Во неодамнешно видео на својот канал на „Јутјуб“, тој коментираше снимка од жена која изгледа како да е бремена, иако тоа всушност не е, пишува LadBible.
Она што го гледате илустрира една од причините поради кои медицината често не препознава многу болести или, уште полошо, погрешно ги дијагностицира. Оваа личност покажува симптоми познати како „ендо-стомак“ – болки во стомакот и надуеност што ги предизвикува ендометриозата – изјави лекарот.
Што е ендометриоза?
Според британската Национална здравствена служба (NHS), ендометриозата е состојба при која клетките слични на оние од слузницата на матката растат на други делови од телото. Оваа состојба може значително да влијае врз квалитетот на животот, но постојат ефикасни третмани.
NHS наведува и дека болеста понекогаш може да ги зафати органите како мочниот меур и цревата, но ретко се појавува надвор од карлицата, на пример во градите.
Д-р Раджан истакнува дека проблемот не е само во тоа што надуеноста е чест симптом на ендометриозата, туку и на многу други гинеколошки и други заболувања.
Ако при дијагностицирањето на женските болести се фокусираме исклучиво на гинеколошките симптоми, всушност го гледаме само врвот на санта мраз. На тој начин лесно може да се превидат бројни други дијагнози кои можат да се манифестираат на различни начини – објасни лекарот.
Симптоми на ендометриозата
Симптомите се јавуваат кога делови од ендометријалното ткиво крварат за време на менструацијата, а крвта не може нормално да истече од телото, што доведува до наталожување и воспалителни процеси во зафатените делови.
Поврзани објави
Симптоми за време на менструацијата:
-
исклучително силни болки кои ги оневозможуваат секојдневните активности
-
потреба од често менување на влошката, на секој еден до два часа за време на обилното крварење
-
крварење што поминува низ облеката
-
болка при мокрење или празнење на цревата
Други симптоми:
-
болка во долниот дел од стомакот и во грбот
-
болка за време на или по сексуален однос
-
замор
-
болка или крварење на други места, како во градите, отежнато дишење и искашлување крв
Причини за погрешна дијагноза на ендометриозата
Ако на ендометриозата и сличните заболувања гледаме исклучиво како на проблеми поврзани само со женскиот репродуктивен систем, ќе продолжиме да пропуштаме многу случаи, бидејќи болеста влијае на многу поширок спектар од телото – објасни тој.
Во друго видео, д-р Раджан призна дека и самиот во почетокот на својата кариера често погрешно ја дијагностицирал ендометриозата.
На почетокот од мојата хируршка кариера не ја разбирав целосно ендометриозата, ниту знаев точно што треба да барам за време на операциите. Првпат се посомневав на оваа болест кога за време на еден зафат забележав необична темнокафена формација на јајникот, додека слепото црево изгледаше сосема уредно. Во тој момент побарав мислење од гинеколозите, кои проценија дека станува збор за ендометриоза. Со тек на времето, како што станував поискусен, сè почесто се сретнував со пациентки кои имаат ендометриоза, било случајно, било како дел од посложени клинички случаи – изјави д-р Каран Раджан.
Текст: Убавина и здравје