Од денеска, 1 февруари, еврото официјално стапува на сила како единствено законско средство за плаќање во Бугарија. Бугарскиот лев веќе нема да биде прифатен за намирување на долгови, ниту пак за купување стоки и услуги, информира Министерството за финансии на Република Бугарија.
Согласно законските одредби за пристапување кон еврозоната, цените на сите производи и услуги ќе бидат означени паралелно во двете валути до 8 август 2026 година. Оваа мерка има за цел да гарантира целосна транспарентност на пазарот и да го спречи секој обид за можни злоупотреби или манипулации, според информациите од бугарските медиуми.
Бугарските граѓани кои сè уште располагаат со бугарски левови можат без надомест да ги разменат истите во финансиските институции и во подружниците на „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година. Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе продолжи да овозможува бесплатна и неограничена размена на левови во евра и по истекот на овој рок.
Министерството за финансии дополнително нагласува дека субјектите од трговскиот сектор веќе не се обврзани да примаат плаќања во левови. Секое враќање на кусур при трансакциите ќе се врши исклучиво во евра.
Бугарија, на 1 јануари 2026 година, официјално го прифати еврото како своја валута, со што стана 21-ва земја-членка на еврозоната. Овој чекор следува точно 19 години по пристапувањето на земјата во Европската унија.