Основниот суд во Кочани денес ги одобри предложените мерки за новоосомничените лица во проширената истрага во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“, што ги побара Јавното обвинителство.
“Добиени се 18 барања, за четири лица е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, за шест лица куќен притвор согласно член 163 и мерки за претпазливост согласно член 146 од Кривичниот законик, а за осум лица е изречена мерка за претпазливост согласно членот 146.”
“Сите имаат право на жалба во законски рок, во зависност од мерката што им е одредена, од 24 часа до 72 часа”, потврдија за МИА од Основниот суд Кочани.
Сите 19 новоосомничени, како и претходните 27 физички и три правни лица, за кои е отворена истрага, се товарат за “Тешки дела против општата сигурност” од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Исто така, истражни дејствија се спроведуваат и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Меѓу новоосомничените, тројца се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, тројца директори на Дирекцијата за заштита и спасување (покрај еден директор кој веќе е во постапка), еден генерален инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување, тројца министри за економија, тројца службеници во Министерството за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четворица пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат.
“Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани”, рече државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Едно лице од 19-те новоосомничени беше надвор од државата во моментот на отворањето на истрагата. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес на прес-конференција изјави дека очекува во брзо време да биде достапен на институциите во земјата и амбасадорот во Норвешка и поранешен министер за економија Дритон Кучи, кој е надвор од државата и е еден од 19-те новоосомничени во проширената истрага за пожарот во дискотеката во Кочани.
“Согласно она кое што го кажа лицето кое го споменавте, очекуваме дека истото тоа за кратко време ќе биде достапно на институциите во Македонија”, изјави Тошковски на новинарско прашање дали има информација кога се враќа во земјава амбасадорот во Норвешка со оглед дека тој јавно се огласи и кажа дека се враќа во земјава со првиот авион.
Како што прецизираше државниот обвинител, досега е поведена истрага против 45 физички и три правни лица. Едно од физичките лица во меѓувреме почина, и против него истрагата ќе биде прекината.
Тој додаде дека истрагата ќе биде максимално ефикасна и ќе ги даде посакуваните резултати.
“Во изминатиот период, обвинителскиот тим кој е проширен на вкупно 13 јавни обвинители интензивно постапуваше и испитуваше повеќе линии на одговорност за пожарот во кој за жал животот го загубија 61 лице, меѓу кои шест деца, а беа повредени уште 197 лица од кои 25 деца. Покрај оние за кои постојат сомненија за директна одговорност како сопственици, управители, организатори на забавата, обезбедување во клубот на критичната ноќ и корисници на пиротехничките средства, се истражува одговорноста и на сите институции и службени лица кои со своите незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето „Пулс“ во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот.”
“Законските норми и надлежности за заштита на безбедноста се јасни и тие се донесени и мора да се почитуваат токму за да се избегне ваква катастрофа”, рече Коцевски.
Истрага се води и против седум полициски службеници во постапката што ја почна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција за целосно утврдување на линијата на одговорност, за што јавноста ќе биде веднаш известена.
Коцевски најави дека претстојат уште многу дејствија, сослушувања и анализи, истакнувајќи дека истрагата ќе биде максимално ефикасна и ќе ги даде сите очекувани одговори за оваа трагедија. Истрагата за случајот со катастрофалниот пожар од 16-ти минатиот месец мора да заврши за уште два месеци.