Седницата на Советот на јавни обвинители, на која требаше да се дискутира за предлогот доставен од Владата за отстранување од функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија, е одложена.
Претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, извести дека причина за одложувањето е недостиг на кворум – отсуство на тројца членови. Информации за понатамошниот тек на настаните ќе бидат објавени дополнително.
Предлогот за отстранување на државниот Јавен обвинител, Љупчо Коцевски, е втора точка на дневниот ред на 22-та седница. Седницата првично беше закажана за 18 март, но Советот ја одложи поради седумдневната жалост прогласена по трагичниот настан во Кочани.
Роковите за разгледување на предлогот за отстранување на Коцевски се уште важат, а Советот е обврзан да го разгледа предлогот најдоцна до следната недела.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека постапката за отстранување на јавниот обвинител Коцевски ќе биде прекината во моментот во кој се наоѓа.
“Во овој момент имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите кои што работат посебно на случајот што се случи во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат.”
“Јас кога кажав дека сме задоволни впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа помеѓу МВР и Јавното обвинителство кое што резултираше со 34 обезбедени лица коишто имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај,” рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по настан за отпочнување на градба на парк во населба Радишани.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да започне постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски, кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години.
Министерството за правда, во согласност со заклучокот од 50-та седница на Владата, го подготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител.
Коцевски, според Министерството за правда, постапувал во предмети во кои, согласно законските одредби, постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
Републичкиот обвинител Коцевски го негира тврдењето дека незаконски постапил, истакнувајќи дека го следел законот и роковите во него.
aa/нд/Фото: МИА архива. Извор: МИА