Плажата Гларокавос, сместена на полуостровот Касандра на Халкидики, ја добила титулата „најубава плажа во Европа за 2025 година“
Многу наши туристи со години летуваат на Халкидики, познато полуостров со три краци. Интересно е што според изборот на организацијата European Best Destinations, најубавата плажа се наоѓа токму на местото покрај кое секој од нас можеби поминал повеќепати.
Плажата Гларокавос, позната по тиркизната вода и единствената лагуна, ги воодушевила гласачите од целиот свет со својата природна убавина и спокој. Нема потреба да патуваме на Малдиви или Тајланд – Грција нуди глетки што им парираат и на најексклузивните егзотични дестинации.
Листата е составена врз основа на гласовите на илјадници патници од целиот свет, а истакнати се дестинации што ја спојуваат исклучителната природна убавина со богатото културно наследство.
European Best Destinations ја опишале Гларокавос како една од најневеројатните плажи во Европа, а гласачите ги воодушевила со единствениот пејзаж, тиркизното море и спокојната атмосфера, поради што и го добила прекарот „синото езеро на Халкидики“.
Бисерот на северна Грција
Сместена на само неколку километри од популарното летувалиште Пефкохори, плажата Гларокавос е позната по широкиот песочен брег со камчиња по должината на водата. Како и многу плажи на Халкидики, ја красат кристалното чисто море, мирната атмосфера и боровите што се спуштаат речиси до морето.
Плажата нуди активности за сите типови посетители – од организирани делови со барови и лежалки, до скриени катчиња за оние што бараат повеќе мир и природа.
Поврзани објави
Иконска лагуна
На јужниот крај од плажата се наоѓа мала лагуна која дополнително придонесува за единственоста на Гларокавос. Посебниот песок формира тенок канал низ кој бродовите можат да влезат во мало пристаниште, давајќи ѝ го на плажата нејзиниот препознатлив изглед на „сино езеро“. Оваа ретка природна формација, заедно со неверојатните нијанси на морето и небото, создаваат впечатливо визуелно доживување за посетителите.
Гларокавос е погодна и за семејства – во близина има продавници, кафулиња и мал тематски парк за деца. Лесно се стигнува до плажата по асфалтиран пат, оддалечен на помалку од 3 километри од Пефкохори, односно околу 110 километри од Солун, што ја прави лесно достапна и за локалните и за странските туристи.
Благодарение на спојот на природен мир, прекрасен амбиент и модерни активности, лагуната Гларокавос заслужено ја носи својата нова титула и важи за дестинација што не треба да ја пропуштите додека го истражувате брегов на северна Грција.
ФОТО: Инстаграм