Исповед на жена која самата се заробила во стереотипен брак
Прочитајте ја исповедта на оваа жена во целост и размислете дали и вие непотребно се жртвувате во врската или бракот…
„Не бевме во цутот на младоста кога се венчавме: тој имаше 42 години, а јас 36 години. И двајцата сме самосвесни, еманципирани луѓе кои имаат став кон животот.
На почетокот од бракот бев еуфорична, а потоа незабележливо станав премногу занесена од новиот статус и организирањето на семејното гнездо. Почнав да правам глупост по глупост.
Се откажав од аеробик и од курсот по англиски јазик за да печам мафини, да чистам килими и да ја „рибам“ бањата… Шиев прекривки, ги собирав најдобрите рецепти за слава, ги пеглав чаршавите од двете страни… Го совладав декупажот и правењето фондан. Симнав килограми, го изгубив темпераментот и во обид да бидам најдобрата љубовница и сопруга, самата си ја залепив етикетата „жртва“.
Се сеќавам на тој ден. Беше сабота во ноември, почна да врне. Надвор сè беше сиво, морав да вклучам сијалица во кујна.
Поврзани објави
Тој седеше во трпезаријата, пиеше млеко и ме гледаше гневно. Јас сечкав сирење, ладно телешко месо и домат. Трипати ми кажа дека само ќе го испие млекото и дека нема потреба да му правам сендвич. Кога продолжив да му додевам дека треба да јаде сендвич, скокна, ми го оттргна ножот од раката и го фрли во мијалникот.
‘Слушај, не мораш да ме служиш. Секоја вечер приготвуваш вечера од три јадења, ги дезинфицираш тоалетните школки, ја рибаш бањата… Не сме си робови еден на друг, а јас не сум ни целиот твој живот, туку само дел од него. За среќа, се запознавме и се вљубивме, пронајдовме заеднички јазик… Се вдомивме, си најдовме место каде што ни е добро заедно. Сè друго е само твој живот. Затоа, немој да ги ставаш моите интереси во прв план.
Нема потреба да бидеш подобра или полоша, само остани своја. Онаа што ја сакам најмногу на светот. Полна со ентузијазам и желба за живот.
А последниве месеци само гледаш во мене и се претвораш во сенка’.
Ја фрли чашата во мијалникот и отиде во вежбалница. Останав без текст, буквално со подотворена уста. Се обидов да го ‘соџвакам’ тоа што ми беше кажано.
Собрав сила, ги проголтав солзите, го фрлив лебот за сендвич и ѝ се јавив на професорката по англиски јазик. Го отворив нотесот и повторно почнав да пишувам…
Од тој момент престанав да бидам домаќинка, мајстор за декупаж, одлична готвачка… Не служам, не се обидувам да угодам, не му докажувам никому ништо. Оттогаш јас сум своја и среќна сум. А изгледа и тој исто така.“
ФОТО: Documerica / Unsplash