Почетна ЕкономијаНов систем на паркирање за поголем ред и намалување на сообраќајниот метеж во Центар

Нов систем на паркирање за поголем ред и намалување на сообраќајниот метеж во Центар

од nenad
3 минути читај за

На последната сеница на Советот на Општина Центар беше усвоен новиот модел на организација на паркирањето, кој треба да донесе повеќе ред, поголема достапност на паркинг за жителите во секторот на живеење и поефикасно користење на јавниот простор во една од најоптоварените урбани средини во градот.

Измените доаѓаат во период кога Центар се соочува со сериозен недостиг на паркинг места, постојан раст на бројот на возила и зголемен сообраќаен метеж, поради што како неопходна се јави потребата од системски промени кои ќе овозможат пофер и поодржлив модел на паркирање.

Новите правила опфаќаат промени во издавањето на повластените паркинг карти, користењето на зоните, третманот на второ и трето возило, воведување нови типови на паркинг услуги, како и дополнителна дигитализација и модернизација на системот.

Со новиот систем, се очекува подобра распределба на капацитетите, повеќе ред во користењето на јавните паркиралишта и намалување на притисокот врз паркинг просторот во централното градско подрачје.

Повластени паркинг карти

Една од најзначајните новини е промената на принципот за издавање на повластени паркинг карти.

Досега, повластените карти се издаваа по жител, што во пракса значеше дека во едно домаќинство со повеќе пријавени лица можеа да се регистрираат повеќе возила со повластени услови. Според ПОЦ, токму овој модел создал сериозен притисок врз паркинг просторот, особено во густо населените делови на Центар, какви што се Капиштец, Дебар Маало, Буњаковец и некои други делови од Општината.

Со новите измени, повластените карти ќе се издаваат по станбена единица, односно по адреса. Тоа значи дека секое домаќинство ќе има право на бесплатно користење на повластен паркинг за првото возило. Согласно новите правила, второто возило во едно домаќинство ќе може да користи повластен паркинг со месечен надоместок, додека за третото возило надоместокот ќе биде повисок.

Од ПОЦ посочуваат дека целта не е ограничување на граѓаните, туку воведување баланс во користењето на ограничениот јавен простор.

„Во услови кога бројот на возила постојано расте, а просторот останува ист, неопходно е да се воведе систем кој ќе даде приоритет на основната потреба – секое домаќинство да има можност за паркирање на барем едно возило под повластени услови“, велат од претпријатието.

Воедно, мерката треба да придонесе и за намалување на метежот и поттикнување порационално користење на автомобилите и постојните приватни гаражи.

Нови можности за жителите надвор од зоните

Измените предвидуваат и воведување нов тип на повластена карта за жителите на Општина Центар кои живеат надвор од опфатот на зонското паркирање.

Станува збор за граѓани кои досега немаа можност да користат дел од услугите што ги нуди ЈП ПОЦ, бидејќи нивните адреси не се наоѓаа во рамки на постојните паркинг зони. Со новите измени, и овие жители добиваат можност да користат паркиралишта во Зона I и Зона II без временско ограничување, преку посебен тип на повластена карта, а правото ќе важи за едно возило.

Целта на оваа мерка е системот да биде поинклузивен и поправеден, односно услугите на претпријатието да не бидат достапни само за граѓаните кои живеат во зоните, туку и за останатите жители на Општина Центар.

 „Зона Х“ – паркирање со хумана димензија

За првпат се воведува и т.н. „Зона Х“ – посебно обележани паркинг места со хуманитарна намена, а со цел секој граѓанин, преку едноставно користење на паркинг, да може директно да придонесе за нешто корисно за заедницата.

Средствата собрани од овие места ќе бидат насочени за поддршка на ранливи категории граѓани и организации, со што паркирањето добива и општествено одговорна димензија.

Дигитализација и модернизација на системот

Паралелно со измените, претпријатието најавува и модернизација на услугите, преку поголема дигитализација, подобрување на контролата и наплатата, како и зголемување на бројот на паркинг места со кои стопанисува претпријатието.

Дел од услугите ќе бидат подостапни преку електронската платформа, со цел поедноставни постапки и помал административен товар.

Од ЈП ПОЦ велат дека крајната цел на реформите е создавање поуреден, поефикасен и долгорочно одржлив систем на паркирање, кој ќе обезбеди поголема функционалност, помал метеж и подобар квалитет на урбано живеење во Општина Центар.